Бајден и Трас: Нова динамика во односите меѓу двете светски сили

Трас - Бајден/ Фото PA Images / Alamy / Alamy / Profimedia

Новата британска премиерка Лиз Трас е релативно непозната кај многумина Американци, што е различно од нејзиниот претходник Борис Џонсон, кој и пред да дојде на премиерската функција беше познат  Вашингтон, особено откако американскиот претседател Џо Бајден тогаш Џонсон го нарече „физички и емоционален двојник“ на Доналд Трамп, пишува Би-Би-Си.

Трас, која пред себе има огромна задача да ја стабилизира британската економија, се соочува и со големи предизвици надвор од Британија, а врските со „старите пријатели“ од САД се клучни, додава британскиот медиум.

Откако таа дојде на власт, многу од американските медиуми објавија наслови како „Која е Лиз Трас?“ или „Запознајте ја новата британска премиерка?“, што не беше случај за Џонсон.

По официјалното преземање на премиерската функција, американскиот претседател Џо Бајден и ги испрати своите честитки на Трас, надевајќи се дека „одличните односи меѓу двете сили ќе продолжат“.

Трас и кралот Чарлс/ Фото Avalon.red / Avalon / Profimedia

Главните пречки со кои ќе се соочи Трас кога станува збор за надворешната политика на Британија, меѓу другото, е Протоколот на Северна Ирска. Протоколот за Северна Ирска беше дел од договорот за Брегзит што го преговараше британскиот премиер Борис Џонсон со Европската унија и кој, создаде „де факто“ царинска граница меѓу Британија и Северна Ирска за заштита на слободниот проток на трговија меѓу Северна Ирска и Ирска, која е членка на ЕУ, потсетува Ројтерс.

Како министерка за надворешни работи, Трас претстави нацрт-закон за изменување и дополнување на Протоколот, на кој се спротивстави Европската унија. Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени тогаш изјави дека Европската унија е подготвена да разговара со Велика Британија за да ги реши проблемите во нивниот трговски спор во Северна Ирска, но сегашниот договор од Протоколот за Северна Ирска мора да остане.

Трас нема да молчи пред Бајден

Директорот на Центарот за Слобода Маргарет Тачер, Најл Гардинер смета дека новата британска премиерка ќе биде „пофокусирана на ова прашање“ и дека „таа нема да се плаши да му каже на Бајден што мисли“.

Бајден, кој има потекло од Ирска, кога беше прашан за спорот меѓу ЕУ и Северна Ирска одговори дека САД сакаат „што е можно побрзо да се реши политичкото насилство“ во Белфаст.

Во првиот официјален разговор меѓу Бајден и Трас, Протоколот за Северна Ирска беше меѓу главните теми, пренесува британски Телеграф.

По разговорот, од Вашингтон соопштија дека и Белата куќа и Даунинг стрит се согласиле дека Договорот од Белфаст мора да се почитува, но и дека потребен што е можно побрз компромис меѓу ЕУ и Британија за Протоколот за Северна Ирска.

Џо Бајден/ Фото White House Photo / Alamy / Alamy / Profimedia

Но, за разлика од Вашингтон, Лондон не коментираше за никаков разговор со ЕУ околу Протоколот.

Американските Демократи стравуваат дека новата британска премиерка има свои цврсти ставови за ова прашање и дека навистина ќе им биде тешко на САД да ја разубедат.

Бил Китинг, конгресмен од Демократската партија за Би-Би-Си изјави дека е „загрижувачки кога една демократија се вклучува во меѓународен договор од кој тие биле дел, а потоа да барате од нив тој договор да се поништи, тоа е навистина тешко“.

Кога Трас го посети Вашингтон, претседателката на Претсавничкиот дом на САД, Ненси Пелоси и соопшти дека разговорите за нов договор ќе бидат задолжителни доколку Британија ги одобри промените кои ги предложија.

„Од самиот старт беше јасно дека билатералниот трговски договор меѓу Обединетото Кралство и САД ќе запре поради ова прашање“, рече конгресменот Китинг.

Трас и Пелоси/ Фото No10 Crown Copyright / eyevin / Eyevine / Profimedia

Францес Бурвел, од невладината организација Атлантик Каунсил, смета дека Трас ќе има „поладен“ однос со САД и дека ќе се намалат посетите на официјалните лица во Лондон и Вашингтон.

„Таа има голем потенцијал да ги наруши односите со оваа администрација“, рече таа.

Постојат и согласувања

Но, како што пишува Би-Би-Си, има многу работи за кои двете светски сили се согласуваат.

Начинот на кој Британија одговори на војната во Украина е доста почитуван од страна на администрацијата на Бајден, додава британскиот медиум.

Ројтерс пак, смета дека Трас има поцврст став за Кина отколку Борис Џонсон, за кој велат дека повеќе се посветил на Украина, каде стана популарен меѓу Украинците, зближувајќи ги двата народа и одржувајќи неколку разговори и средби со претседателот Володомир Зеленски.

Медиумите на островот сметаат дека Трас ќе најде заеднички јазик со Бајден околу Кина и Тајван, полесно отколку било кое друго прашање.

САД и Британија низ историјата се покажале како доста блиски сојузници, не само на политичко, туку и на културно ниво, а секој нов лидер во Лондон и Вашингтон дава нова динамика на односите меѓу светските сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот