Бадентеров катанец за Уставниот суд
Предлогот Уставниот суд без Бадентерово мнозинство да не може да укине или поништи закони или нивни одредби донесени со Бадентерово мнозинство во Собранието, всушност значи воведување на етнички и јазични критериуми во процесот на донесување одлуки на Уставниот суд и тоа е во спротивност со меѓународните и европските стандарди и со европската пракса воопшто и е туѓо на самата природа како на редовното, така и на уставното судство и како такво претставува вонпланетарна идеја која не постои никаде во светот.
Најнапред, треба да се разграничат две различни прашања. Првото прашање се однесува на составот на Уставниот суд и изборот на уставните судии, а другото прашање се однесува на процесот на донесување одлуки на Уставниот суд.
Препорачано
Во однос на првото прашање, меѓународните и европските стандарди за општествата со етнички и јазични различности препорачуваат плуралистички состав во етничка и јазична смисла на уставните судови како важен фактор кој има за цел зајакнување на потребната општествена легитимна цел на Уставниот суд како чувар на Уставот, и овие стандарди Македонија ги има исполнето со Анексот А (член 109) на Охридскиот рамковен договор и со уставниот амандман XV од 2001 година преку изборот на тројца уставни судии со двојно мнозинство, односно со таканаречено големо Бадентерово мнозинство во Собранието.
Меѓутоа, предлогот Уставниот суд без Бадентерово мнозинство да не може да укине или поништи закони или нивни одредби донесени со Бадентерово мнозинство во Собранието, всушност значи воведување на етнички и јазични критериуми во процесот на донесување одлуки на Уставниот суд и тоа е во спротивност со меѓународните и европските стандарди и со европската пракса воопшто и е туѓо на самата природа како на редовното, така и на уставното судство и како такво претставува вонпланетарна идеја која не постои никаде во светот. На пример, има практични модели на држави каде што се бара изборот на судиите да биде одраз на јазичниот или етничкиот состав на општеството, но никаде во светот нема модели на коетничко судење, односно етнички или јазични барања за одреден број судии кои би гласале на еден или на друг начин.
Ваквиот предлог за воведување на јазично или етничко потекло на уставните судии како критериум за донесување на одлуки е спротивен и на меѓународните и на европските стандарди на судиската етика, на независноста и непристрасноста на уставните судии и на правичното судење, бидејќи тоа би значело дека уставните судии нема да судат објективно само според Уставот, туку и субјективно според нешто што е надвор од Уставот и воопшто надвор од самиот опсег на правото преку воведување на неправни (политички) критериуми во уставното судење.
Ваквиот предлог е спротивен и на меѓународниот и на европскиот стандард на колегијалност на Уставниот суд како единствен државен орган во кој секој избран уставен судија е член на судот со еднакво право на глас, кој дејствува независно и самостојно во својот личен и стручен капацитет, а не како претставник на одредена етничка или јазична заедница, при што овој стандард подразбира и донесување одлуки со мнозинство гласови. Во случај кога нема едногласност меѓу уставните судии, тогаш преовладува одлуката на мнозинството, а ваквиот предлог всушност практично го урива мнозинското одлучување на Уставниот суд како меѓународен и европски стандард преку можноста да се блокира донесувањето на колегијална одлука на мнозинството уставни судии.
Ваквиот предлог ја нарушува и еднаквата положба на уставните судии, бидејќи на некои уставни судии им признава право на вето, а на други уставни судии не им го признава истото право.
И, на крајот на краиштата, ваквиот предлог практично го поткопува владеењето на правото како темелна вредност на нашиот уставен поредок, бидејќи под претпоставка, ако во Уставниот суд нема Бадентерово мнозинство за укинување или поништување на некој закон (или негова одредба) донесен со Бадентерово мнозинство во Собранието, тогаш таквиот закон или негова одредба ќе продолжи да важи во правниот поредок, иако мнозинството уставни судии ќе го сметаат за неуставен. Таквата состојба ќе води кон произволност, правен волунтаризам и политички манипулации и е школски пример за тоа што во германската уставна доктрина се нарекува: фактичко менување на уставот преку неуставен закон, односно измена на устав без спроведување на со устав пропишана постапка за негова измена. Згора на тоа, тоа ќе води и кон нефункционалност на Уставниот суд, бидејќи овој суд ќе биде заклучен со политички катанец и ќе престане да биде чувар на уставот затоа што не би можел да врши контрола на уставноста на законите како негова прва и основна надлежност.
Во 2005 година, поради евентуалната реформа на Уставниот суд, Високиот претставник на БиХ, британскиот политичар Педи Ешдаун (Paddy Ashdown) преку раководителот на Одделот за правни работи, се обратил до Венецијанската комисија, со прашањето: дали одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина треба да бидат важечки само ако барем еден судија од секој конститутивен народ ја поддржал одлуката, при што Венецијанската комисија во својот заклучок, дава негативен одговор, нагласувајќи дека правилото кое бара одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина да бидат важечки само ако барем еден судија од секој конститутивен народ ја поддржал одлуката е спротивно на европските стандарди (за што стана збор и во оваа статија) и не може да се оправда со специфичната ситуација на оваа држава и е спротивно на голем број уставни принципи и би можело да создаде сериозни практични проблеми.
И самиот Роберт Бадентер (1928-2024), реномиран француски професор по право на Универзитетот во Сорбона, кој како претседател на Арбитражната комисија за екс-Југославија, стана познат кај нас со препораката дека употребата на името „Македонија“ не може да имплицира никаква територијална претензија кон друга држава и беше цврст поддржувач на независноста на Републиката, во ниту едно од неговите дела не го препорачал Бадентеровото мнозинство и во процесот на донесување одлуки на Уставниот суд.
Став
(Авторот е универзитетски професор по уставно право во УЈИЕ)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


