Авторитарните режими и дигиталната репресија
Дигиталните технологии во голема мера го обликуваат пристапот до информации насекаде во светот. Меѓутоа авторитарните режими го гледаат слободниот проток на информации како ризик, поради што сакаат да ги користат дигиталните технологии за свои цели. Меѓу тие цели често се и гушењето на слободата на изразување, следењето и сузбивањето на политичките и општествените дебати во земјата, ширењето дезинформации, наративи и пропаганда. Авторитарните режими користат дигитални технологии, вклучувајќи ги и платформите на социјални медиуми, за следење, вознемирување, цензурирање, заплашување, влијание и контрола врз домашното и странското население.
Препорачано
Авторитарните лидери често стравуваат дека отворена дебата на политички или општествени теми би можела да го загрози нивното владеење. Нивните светогледи често се заматени од параноја и сеопфатна грижа за зачувување на режимот, внатрешната контрола и стабилност.
На таквите лидери не им требаше долго време за да препознаат дека дигиталната поврзаност на граѓаните може да претставува егзистенцијална закана за нивната моќ. Верувањето на автократите дека западните влади, особено САД, го користат влијанието на интернетот за да ја поткопаат стабилноста на нивните режими, со зголемениот број јавни протести низ светот, само ги влоши стравувањата. Употребата на дигитални технологии и методи за следење и ограничување на правото на слободно мислење е на пат да стане уште попродорна и поефикасна во следните неколку години, што дополнително ќе ги ограничи слободите на глобално ниво. Генеративната вештачка интелигенција само ќе ја зголеми софистицираноста на техниките на авторитарните режими, што ќе го отежне спротивставувањето на таквите активности.
Кинескиот и рускиот модел на дигитална репресија
Народна Република Кина е глобален лидер во дигиталната репресија.
Осма година по ред Фридом Хаус ја идентификува Кина како земја која пружа најмалку слобода на интернет. Во споредба со Русија, Пекинг е подобар во цензурирањето на дигиталните информации и надзорот на населението, делумно затоа што ѝ дадоа приоритет на дигиталната контрола.
Пекинг користи техники на дигитална репресија за да го контролира протокот на информации, да го ограничи и попречи пристапот на своите граѓани до информации и да се обиде да го зајакне легитимитетот на Кина, како и нејзиниот сеопфатен досег.
Кинеските паметни градови користат технологија за надзор за да ги комбинираат обезбедувањето основни јавни добра, како што е безбедноста во сообраќајот, со авторитарна контрола. На Русија исто така не ѝ е непозната дигиталната репресија, но има поинаков пристап од Кина. Земјата во голема мера се потпира на сложени правни и институционални структури кои ја промовираат нејзината контрола над информациите. Русија е особено активна во ширењето дезинформации, особено од почетокот на инвазијата на Украина. Москва употреби цела палета на злонамерни активности за да ги одбрани своите акции во Украина и да шири лажни, погрешни или неосновани информации. Русија е шеста на неславната листа на најнеслободни интернет средини во светот.
Слободата на интернет во Русија лани го достигна најниско ниво во историјата, бидејќи Кремљ ги блокира страниците на социјалните медиуми и повеќе од 5.000 веб-страници во Русија, а воведе и закон кој предвидува до 15 години затвор за секој што шири „лажни информации“ за конфликтот во Украина.
Напорите на Москва да ги принуди странските ИТ гиганти да се придржуваат до барањата за модерирање на содржината се зголемија минатата година, бидејќи Google, Meta и други компании добија казни од стотици милиони долари поради нефилтрирање на „забранети содржини“. Зголеменото таргетирање неруски платформи резултираше со зголемена самоцензура, а во некои случаи и целосно напуштање на рускиот медиумски простор. Напорите за елиминирање на неруските медиуми беа придружени со проширување на медиумските корпорации ориентирани кон Кремљ.
Така, софтверскиот гигант VKontakte – кој ја води најпопуларната социјална мрежа во Русија и е контролиран од државата – го купи агрегаторот за вести Yandex (Yandex News) и блог платформата Zen.
Со тоа, Кремљ доби уште поголема контрола врз содржината со која руските граѓани се среќаваат на интернет. Руската влада тогаш ги охрабри руските компании да создадат домашни платформи кои ќе ги заменат странските социјални мрежи, а со тоа ќе се зголеми контролата врз содржината.
Русија ја поткопа слободата на интернетот и во Украина. Во 2022 година, руската војска го исклучи интернетот во украинските градови и региони повеќе од 20 пати преку комбинација на сајбер напади, целни воздушни напади и намерно демонтирање на телекомуникациската инфраструктура. Минатиот септември беше откриена операција на руско влијание во Украина во која повеќе од 60 веб-страници лажно се претставуваат како медиумски организации, со профили на најголемите американски платформи за социјални медиуми.
Сè повеќе случаи на дигитална репресија
Сепак, има сè повеќе случаи на дигитална репресија и во други земји во светот, што секако придонесува за натамошна демократска ерозија. На пример, сè повеќе се користат тактики за исклучување на интернетот.
Според некои проценки, лани владите и други актери го исклучиле интернетот најмалку 187 пати во 35 земји, што е нов рекорд. Исклучувањата се наметнати за време на протести, активни конфликти, училишни испити, избори, периоди на политичка нестабилност или настани од висок профил, како што се верски празници или посети на владини претставници – во многу случаи со цел да се наметнат и замолчат гласовите. Некои влади блокираа веб-страници со ненасилна политичка, социјална или верска содржина, поткопувајќи ги правата на корисниците за слободно изразување и пристап до информации.
Се користи и комерцијален шпионски софтвер, понекогаш насочен кон политички противници или критичари.
Сè поголем број интернет корисници ширум светот имаат пристап до онлајн простор кој ги одразува ставовите и интересите на нивната влада, но феноменот не е ограничен само на Кина, Русија и Иран.
Властите во 47 од 70 земји опфатени со истражувачката студија на Фридом Хаус од 2022 година го ограничија пристапот на корисниците до изворите на информации лоцирани надвор од нивните граници.
Етиопија, Индија, Мјанмар, Русија и Сингапур беа меѓу земјите кои имаа строги ограничувања во поглед на тоа до кои информации корисниците можат да пристапат од странство.
Но централизирањето на владината контрола врз интернет инфраструктурата е поретко, бидејќи е многу потешко да се постигне.
Извештајот на Фридом Хаус покажа дека само седум од 70 земји – Бахреин, Камбоџа, Кина, Иран, Тајланд, Русија и Украина – се обиделе да ја централизираат контролата на домашната интернет инфраструктура.
Извор: Demostat


