Авион во Индија „сее облаци“ за вештачки дожд: Очајнички обид да се расчисти смогот над Њу Делхи

Спроведен е експеримент за создавање дожд преку вештачка сеење облаци над Њу Делхи со цел да се поттикне врнеж и да се прочисти воздухот исполнет со смог — потег што предизвика гнев кај дел од жителите, објави „Скај њуз“.

Авион прскал хемикалии во облаците над неколку делови од индиската престолнина за да поттикне дожд и да ги измие загадувачите од воздухот, кој, според мерењата на квалитетот, сè уште се наоѓа во категоријата „многу лош“.

Според извештајот на базата за следење на квалитет на воздухот „Ај кју ер“ (IQAir) од 2024 година, Индија има шест од десетте најзагадени градови во светот, а Њу Делхи е најзагадената престолнина.

Што претставува сењето облаци

Сеењето облаци е метод за вештачко модифицирање на времето со кој се испуштаат хемикалии во облаците за да се предизвика дожд. Методот се користи во сушни региони, како западните делови на САД и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), но експертите предупредуваат дека ефикасноста му е неизвесна.

Министерот за животна средина на Њу Делхи, Манджиндер Сингх Сирса, изјави дека тестирањето било спроведено во соработка со Индискиот институт за технологија во Канпур и дека во наредните денови се планирани нови летови.

Тој рече дека властите очекуваат краткотраен дожд во некои делови на градот во текот на следните часови.

Њу Делхи и околината, каде живеат над 30 милиони луѓе, редовно се меѓу најзагадените региони во светот.

Квалитетот на воздухот се влошува секоја зима кога земјоделците палат остатоци од жетвата во соседните држави, а студеното време ја задржува масата чад која се меша со емисии од возила и од други индустриски објекти.

Нивото на загадување честопати е дури 20 пати повисоко од безбедносната граница што ја препорачува Светската здравствена организација (СЗО).

Властите ограничија употреба на дизел генератори, забранија градежни активности и распоредија водени прскалки и „антисмог пушки“ за да ја намалат маглата.

Но, критичарите велат дека е потребно долгорочно решение кое ќе го намали загадувањето на изворот, наместо само да се реагира на последиците.

Инаку, минатата недела густ смог го прекри Њу Делхи откако милиони граѓани го прославија индуистичкиот фестивал Дивали со огномети, што доведе до драстично зголемување на загадувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот