Арсовска ветуваше, но ја продолжи практиката на Шилегов, контејнерите останаа на велосипедските патеки

Фото: Скриншот од видео на Марјан Лазаревски

Град Скопје не само што не најде решение за габаритните контејнери што беа поставени на велосипедските ленти покрај булеварите во времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, туку продолжува да поставува нови. Па, така, овие контејнери ја „украсија“ и велосипедската патека покрај реконструираниот булевар Васко Карангелески во општината Аеродром.

Булеварот Васко Карангелески беше проектиран во мандати на различни градоначалници. За грешките во планирањето предупредуваа граѓански групи, жители, дури протестираа и кандидати за градоначалници (кои сега се на власт). И покрај сите предупредувања, откога го пуштија, видовме дека решенијата се ужасни. Половина година помина и работите се менуваат само на полошо – велат велосипедистите од „На точак“ споделувајќи објава од скопјанец во која се гледа дека и овој булевар не го одминаа контејнерите.

Навиките тешко се „реконструираат“: И ѓубреџии и автомобили се паркираат на новата велосипедска патека на Гологанов

Како што е познато тие беа поставени и покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, веднаш по неговата реконструкција. Специфично за нив е што можат да се испразнат само со специјални возила што им приоѓаат од коловозната лента, па затоа се ставаат покрај работ на тротоарите, поточно врз велосипедските патеки. Во случајот со Теодосиј Гологанов, каде што лентата за сообраќај е разделена од тротоарот со велосипедска патека, тие не се на патеката, но на патеката застануваат возилата за празнење ѓубре. Не е јасно дали воопшто некој размислува за овој проблем кога се подготвуваат проекти за реконструкција на сообраќајниците.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 

Големите контејнери беа набавени во мандатот на Шилегов и заради нивниот специфичен начин на празнење мораа да бидат поставени на самиот крај на тротоарот, покрај улицата, па така тие и ден денес покрај целиот булевар Партизански одреди се поставени на велосипедските патеки. Своевремено, тогашното градското раководство тврдеше дека тоа е само привремено решение, а околу контејнерите со жолти ленти беше исцртана велосипедска патека врз просторот наменет за пешаци. Оттогаш ништо не се смени.

Актуелната градоначалничка Данела Арсовска, набрзо откако го презема раководењето со градот посочи дека е свесна за овој проблем со кој се соочуваат и пешаците и велосипедистите.

И за тоа има решение, значи тие решенија не треба да бидат ниту на пешачки ниту на велосипедски патеки – нагласи тогаш Арсовска, но не посочи за какво решение станува збор.

Но, судејќи според тоа што габаритните садови за отпад останаа каде што беа поставени, а праксата да се поставуваат на велосипедски патеки и тротоари продолжи до денес, Арсовска ниту тогаш имала ниту досега нашла некое друго решение.

Арсовска бара решение за контејнерите „вдомени“ на велосипедските патеки

Неодамна од „На точак“ во изјава за „Слободен печат“ истакнаа дека во практика се потврдила нивната теорија дека ништо не е толку трајно како привремената програма. Тие добиле ветувања од градоначалничката Арсовска дека веднаш по стапувањето на функција, ќе ги отстрани контејнерите од велосипедските патеки и ќе изнајде друга локација за нив, но и до денес привремената градска одлука е потрајна од што било, ниту еден контејнер од вело патека не е помрднат ни сантиметар. Привременото решение трае иако, како што велат, во меѓувреме се случиле безброј апели, барања, разговори, укажувања и протести.

Се надеваме, еден сончев ден, дека ќе се најде храброст да се истапи од системската закржлавеност и мрак и ќе се реобмислат приоритетите во сообраќајот низ призмата на еднаквост на сите учесници, со предност и приоритет на безбедноста на сите. Во исчекување на тој сончев ден, возете точак и доколку се најдете во судир со пешак, патник или некоја пречка, бидете толерантни и издигнете се над ситуацијата, над конфликтот што ви го создава лично системот, кој не води никаква сметка за сеопштата безбедност во сообраќајот – порачаа од „На точак“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот