Архитектура и урбанизам: Скопје повторно ќе ги обедини светските архитекти

Архитекти од Јапонија, Холандија и САД, 55 години по планот на Кензо Танге, во октомври во Скопје ќе разговараат за моќта на архитектурата и урбанизмот во рамките на „Проект Скопје“.

Со тридневниот „Проект Скопје“, што ќе се одржи од 21 до 23 октомври годинава, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе продолжи со одбележување на 70-годишнината од своето основање и 55-годишнината од донесувањето на планот за реконструкција на центарот на градот Скопје.

По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80 отсто од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија, како и Константин Доксиадис од Грција.

Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.

Точно 55 години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Скопје со свои предавања ќе гостуваат архитектите Реинер де Граф од студиото ОМА од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и проф. Чарлс Валдхајм од универзитетот „Харвард“ во САД.

– Основната цел на „Проект Скопје“ во 2020 година е да ја преиспита моќта на архитектурата и урбаниот дизајн како двигатели на реконструкцијата на општествата и градовите ширум светот. Проектот за Скопје беше одлична можност за светските архитекти од тоа време, на покана на ОН, да создадат навистина светски проект што ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје – истакнува проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет и организаторот на настанот.

Во рамките на „Проект Скопје“ посебни предавања ќе имаат и еминентните професори Хаџиме Јатцука од Токио, експерт за делата на Кензо Танге, Дирк ван ден Хувел од Холандија, експерт за делата на архитектот Јап Бакема, Дебора Хаупман од САД, Инес Толиќ од Италија и професорката Анета Христова Поповска од Архитектонскиот факултет од Скопје, која ќе говори за делата на професорот и архитект Живко Поповски. Настанот ќе се организира во соработка со „Домејн студио“ од САД.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 42, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот