„Ареа“ ѝ ги подари сите свои слики на публиката на двата фантастични акустични концерти во Филхармонија

Ареа / Фотографии: Иван Наунов

Македонската рок-група „Ареа“ е синоним за квалитетна музика, а моќниот и уникатен глас на фронтменот на бендот Ружица Милошеска – Брчиоска го разоружува сечие срце. А дека тоа е така, ни покажа и потврди бендот на двата акустични концерти што ги одржаа викендов во Македонската филхармонија.

Публиката две ноќи по ред сведочеше на несекојдневниот звук, на вокалот кој заслужува длабок наклон, на специфичниот имиџ и енергичниот перформанс на сцената. Присутните беа сведоци на една акустична рок симфонија.

Фото: Иван Наунов

Нумерите „Чувај ме ти“ и „Те спомнувам“ од последниот албум „Љубов“ издаден во 2022 година, го започнаа двочасовното музичко патување во Филхармонија. А, кога Ружица ги запеа „Нешто недостасува“, „Колку ми значиш“, „Фреквенција на љубовта“, „Одведи ме“, „Јас сум ти пријател“, „Сите мои слики“, ниту еден од присутните не остана на своето седиште, туку пеејќи заедно со неа ѝ дозволија да ги понесе низ музичкиот времеплов.

Заемната љубов и синергија што постои помеѓу публиката и Ружица со секоја отпеана песна се искачуваше неколку скалила погоре.

Фото: Иван Наунов

Рок-дамата, секогаш насмеана и природна, дава сè од себе на сцената.

Инаку, вакви два концерти „Ареа“ одржа во 2010 година во Универзалната сала. Чекавме 14 години. Дочекавме. Овој пат, концертите беа уште поинтересно искуство за публиката, бидејќи аранжманите беа изменети и прилагодени на оркестарот со кој свиреа. Целиот визуелен и акустичен пакет на сцената го заокружија четирите девојки од Филхармонија, две на виолина и две на виолончело.

Ружица и Ивица Брчиоски, музичкo – брачната двојка со секоја песна и настап нѐ потсетуваат дека сѐ уште постои квалитетна музика на овие простори.

Во своето 31-годишно постоење, „Ареа“ докажа дека нивните песни немаат рок на траење.

Фото: Иван Наунов

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот