„Антолог“ објави три сликовници од украинските автори Олександр Шатохин, Тарас Прохаско и Марјана Прохаско
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави три сликовници од украински автори. Овој исклучителен избор на книги за деца се преведени на македонски јазик со поддршка од Програмата за поддршка на преводи „Translate Ukraine“.
Препорачано
Станува збор за сликовници кои ја носат магијата на украинската детска литература до македонските читатели, и тоа: „Кој ќе го направи снегот?“ од Тарас Прохаско и Марјана Прохаско; „Подарок“ и „Најсреќното лавче“ од Олександр Шатохин.
Сите три книги се исполнети со живописни илустрации и внимателно разработени приказни кои преку магијата на зборовите поттикнуваат љубопитност, креативност и љубов кон природата и животот. Преводот од украински на македонски јазик го направи Вера Чорниј-Мешкова.
Авторот Тарас Прохаско (1968) е украински писател и новинар, дипломиран ботаничар, добитник на повеќе книжевни награди. Автор е на десетина книги за деца и за возрасни. Марјана Прохаско (1976) е преведувачка и илустраторка, со прва книга за деца како коавтор и илустраторка.
Олександр Шатохин (1988) е познат украински илустратор и автор на книги за деца, чии дела биле вклучени во меѓународни избори и наградени за најдобар дизајн. По образование е педагог.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)


