Анкета: Покрај изборниот пораз и импичментот, мнозинство републиканци би го поддржале Трамп за претседател

Instagram
Instagram

Мнозинство избирачи републиканци се подготвени да го поддржат Доналд Трамп на следни избори за претседател на САД, а речиси половина би поддржале негова партија, ако тој ја создаде, се дознава од новата анкета на весникот Ју-ес-еј тудеј и универзитетот Сафолк.

Весникот коментира и дека во партијата моментално се водат внатрешни прегрупирања, пред главниот републикански настан, Конзервативна политичка акција (КПАК), кој се одржува оваа недела.

Како што синоќа објави Ју-ес-еј тудеј, „поддршката за Трамп во голема мера е непроменета и после вториот процес за негов импичмент во Сенатот”. Од анкетата се дознава дека 59 отсто од избирачите републиканци изјавиле дека ќе го поддржат на избори за претседател, 46 отсто се подготвени да поддржат негова партија, ако тој ја создаде, а 27 отсто изјавиле дека нема да ја сменат партијата.

Половина од републиканските избирачи сметаат дека партијата треба да биде полојална кон Трамп, дури и цената за тоа да биде изгубена поддршка од влијателните републиканци во Вашингтон. Со тоа не се согласува секој петти анкетиран, или 19 отсто, кои сметаат дека партијата треба да биде помалку лојална кон Трамп, а поблиска со влјателните републиканци.

Избирачите на Трамп се подготвени да казнат секој политичар кој го предал. Осум од 10 изјавиле дека најверојатно не би гласале за републикански политичар кој поддржал импичмент на Трамп, а тоа го направија 10 конгресмени во Претставничкиот дом.

Иако мнозинство од сенаторите гласаа за негова осуда на вториот суд за импичменот на Трамп, или 57-43, кај законодавците немаше двотретинско мнозинство за осуда, па Трамп беше ослободен од обвинувањата на 13 февруари.

Весникот дознава дека во Републиканската партија моментално се водат внатрешни прегрупирања и борбата се води меѓу Мич Меконел, искусен републикански лидер и предводник на малцинството во Сенатот на едната страна, и Трамп на другата.

Некои од неговите поддржувачите за весникот коментираат дека тој и не треба да создава своја партија, туку само да се врати во Вашингтон и да ја преземе Републиканската партија, како што тоа го направи во 2016 година. Тие сметаат дека избраните републиканци не се борат доволно за нивните интереси.

-А ние сите гледаме како Доналд Трамп се бори за нас најсилно колку што може секој ден. А републиканците во Вашингтон само се согласуваат со демократите и не покажуваат никаков отпор, смета Брендон Кејдл, сопственик на мал бизнис од Милвоки.

Поранешниот претседател најави дека ќе настапи на годинешната конференција на републиканците, КПАК, в недела во Орландо, Флорида. На неа се очекува големо враќање на поранешниот претседател и најверојатно најава за негово учество во претседателската трка за изборите во 2024 година

Во анкетата учествувале околу илјада луѓе кои гласале за време на изминататите избори. Маргината на грешка е 3 отсто, а анкетата била спроведена по телефон од 15 до 19 февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот