Американски разузнувачки служби: Путин го авторизирал „навивањето“ за Трамп на изборите

Russia's President Vladimir Putin (L) and US President Donald Trump arrive for a group photo at the G20 Summit in Osaka on June 28, 2019.,Image: 452117730, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Brendan Smialowski / AFP / Profimedia

Во проценката од Кабинетот на директорот на Националното разузнавање на САД, кој надгледува 18 американски разузнавачки агенции, се открива дека на изборите минатата година Путин се фокусирал на дезинформациски кампањи насочени кон поткопување на кандидатурата на ривалот Џо Бајден, како и на дискредитирање на довербата на Американците во изборниот процес

По направените анализи за претседателските избори минатата година, американските разузнавачки служби заклучија дека рускиот претседател Владимир Путин одобрил „операции за влијание“ насочени кон поддршка на кандидатурата на Доналд Трамп за реизбор во претседателската кампања во 2020 година.

Во проценката од Кабинетот на директорот на Националното разузнавање, која надгледува 18 американски разузнавачки агенции, се открива дека Кремлин ја сопрел поддршката на разните видови хакерски обиди извршени во 2016 година, во кои се вклучени и обиди за пробив на „изборната инфраструктура“. Наместо тоа, на изборите минатата година, Путин се фокусирал на дезинформациски кампањи насочени кон поткопување на кандидатурата на ривалот Џо Бајден, како и на дискредитирање на довербата на Американците во изборниот процес.

„Москва [користеше] посредници поврзани со руските разузнавачки служби за да ги авансира наративите – вклучително и погрешни или неиздржани обвинувања против претседателот Бајден – за влијание врз американските медиумски организации, американските официјални лица и видни американски поединци, вклучувајќи и некои блиски до поранешниот претседател Трамп“, се вели во извештајот.

Кина амнестирана

Проценката, објавена во вторникот, беше декласификувана верзија на извештајот од 7 јануари, обезбеден од американската разузнавачка заедница кога Трамп сè уште беше претседател и активно ги оспоруваше резултатите од изборите. Трамп постојано тврдеше дека изборите во САД биле наместени против него, обвинувајќи за широко распространета измама кај гласачките кутии што влијаеше некои од неговите приврзаници да го нападнат Капитол на САД на 6 јануари 2020 година.

Објавениот извештај се разликува во некои аспекти од предизборното предупредување на американските разузнавачки служби објавено минатиот август дека Русија, Иран и Кина имаат активности со цел да извршат влијание врз претседателските анкети. Во соопштението се предупредува дека некои актери поврзани со Кремлин работеле на зајакнување на позициите на Трамп, додека Иран и Кина дејствувале против него.

Минатонеделната проценка заклучува со „висок степен на самодоверба“ дека Кина ја разгледувала опцијата за влијание врз американските избори, но донела одлука против обидите за промена на резултатот од изборите.

„Кина бараше стабилност во односите со Соединетите држави [и] процени дека и едниот и другиот изборен резултат се доволно неповолни за Кина за да ризикува да биде замешана [во изборите]“, се вели во извештајот.

Манипулациите на Русија и Иран

Од друга страна, во објавениот документ се вели дека иако Русија и Иран спровеле кампањи за влијание со цел да ги манипулираат намерите на гласачите, тие не се вмешале во самите изборни резултати или во инфраструктурата за спроведување на изборите, како што се процесот на регистрација на гласачи, самото гласање или броењето на гласовите.

Во проценката се вели дека напорите на Москва најверојатно биле по упатство на Путин и на други високи руски функционери, повикувајќи се на надлежноста на рускиот претседател над Андриј Деркач, прорускиот украински член на парламентот, за кој се тврди дека учествувал во активностите.

Разузнувачите откриле дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, одобрил „повеќекратна кампања за прикриено влијание“, потпирајќи се и на отворено и на прикриено испраќање пораки, како и на сајбер-операции за потиснување на шансите за повторен избор на Трамп, без директно промовирање на Бајден.

Во една „високо насочена операција“, американските разузнавачки служби заклучуваат дека иранските сајбер-актери произвеле електронски пораки за кои се тврдело дека се од екстремистичката група „Горди момчиња“, барајќи гласачите демократи да гласаат за Трамп во обид да ја зголемат јавната загриженост за измама на гласачите.

„Плодна почва“ за мешање

Само неколку месеци пред изборите ланскиот ноември, Националниот центар за контраразузнавање и безбедност на САД предупреди дека Кина „ќе продолжи да ги проценува ризиците и придобивките од агресивната акција“, но дека претпочита Трамп да не биде реизбран. Иако сегашната проценка утврдува дека Пекинг не се вмешал во изборите, во извештајот стои и тоа дека постои несогласување за ваквиот наод. Еден службеник за национално разузнавање задолжен за сајбер-безбедност тврди дека Кина сепак презела „одредени чекори“ во обидот да го поткопа реизборот на Трамп. Овој службеник ги цитира социјалните медиуми, официјалните изјави и медиумите, тврдејќи дека Пекинг минатото лето ги интензивирал своите напори за поддршка на претседателството на Бајден, бидејќи кинеската проценка била дека американската политика со Бајден на чело ќе биде „попредвидлива“.

Во извештајот се забележани и „некои чекори“ преземени од други странски актери, како што се либанската политичка партија и милитантната група Хезболах, Куба и Венецуела, во обид да се зголемат шансите да се смени Трамп.

По објавувањето на овој извештај, Марк Ворнер, демократ и претседавач на Комитетот за разузнавање на Сенатот, оцени дека извештајот ги потенцира „тековните и упорни напори“ на американските противници да влијаат врз изборите. Тој додава дека додека САД изграделе подобра одбрана против мешањето од страна и дека разузнавачката заедница „станала многу подобра“ во откривањето на ваквите напори, странските актери ќе продолжат да бараат да влијаат врз американскиот електорат и, во иднина, може да најдат „плодна почва“ за тоа, со оглед на партиските поделби во земјата.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (20-21 март 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот