Американската политичка елита се прости од Медлин Олбрајт

Погребот на Медлин Олбрајт/ Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Американската политичка елита денеска во црква во Вашингтон се прости од Медлин Олбрајт (1937-2022), првата жена што беше државен секретар на САД.

Комеморацијата ја предводеа американскиот претседател Џо Бајден и поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон, кој ја избра Олбрајт за свој највисок дипломат.

Околу 1.400 гости се собраа да се простат од Олбрајт, која минатиот месец почина од рак на 84-годишна возраст.

На службата присуствуваа и тројца државни секретари кои ја наследија, како и други сегашни и поранешни членови на владата, странски дипломати, пратеници и други кои ја познаваа.

Бајден и оддаде почит на Олбрајт, велејќи дека „нејзиното име е синоним за идејата дека САД се добра сила во светот”.

Поранешниот претседател Клинтон се потсети дека две недели пред да почине, му рекла дека „не сака да зборува за влошување на нејзиното здравје во време кога Западот е на раб по руската инвазија на Украина”, туку дека „единствено што е навистина важно е каков свет ќе им оставиме на нашите внуци”.

На погребот беа поканети странски претставници, меѓу кои и претседателите на Грузија и Косово и високи претставници од Колумбија, БиХ и Чешка.

Олбрајт е родена во Чехословачка, од каде нејзиното семејство побегна двапати – прво од нацистите, а потоа од советските власти. Дипломирала во САД, каде што студирала на колеџот Велсли и напредувала низ редовите на надворешнополитичките кругови на Демократската партија. Таа стана амбасадор на САД во Обединетите нации, а во 1996 година Бил Клинтон ја избра за државен секретар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот