Американка обвинета за убиство на нејзините деца: Избегала во Лондон, сега се соочува со доживотен затвор во САД
Според истрагата, Синглер првично тврдела дека непознат маж упаднал во домот и го нападнал семејството. Преживеаната ќерка најпрво ја поддржала таа верзија, но подоцна им изјавила на истражителите дека нејзината мајка ѝ рекла оти „Бог така наредил“.
Американската државјанка Кимберли Синглер е обвинета за убиство на нејзините две деца. Како што објави британскиот весник „Гардијан“, таа била екстрадирана од Велика Британија во Соединетите Американски Држави, каде што ќе се соочи со сериозни кривични обвиненија.
Препорачано
Синглер била уапсена во Лондон кон крајот на декември 2023 година, само една недела откако нејзината деветгодишна ќерка и седумгодишниот син беа пронајдени мртви во нивниот дом во сојузната држава Колорадо. Полицијата ги пронајде телата на 19 декември, а во станот беа пронајдени и самата Синглер со површински повреди, како и нејзината 11-годишна ќерка, која исто така имала повреди.
Според истрагата, Синглер првично тврдела дека непознат маж упаднал во домот и го нападнал семејството. Преживеаната ќерка најпрво ја поддржала таа верзија, но подоцна им изјавила на истражителите дека нејзината мајка ѝ рекла оти „Бог така наредил“, се наведува во судски документи.
По настанот, американските власти распишаа потрага по Синглер на 26 декември 2023 година, а таа беше пронајдена и уапсена четири дена подоцна во лондонскиот кварт Челзи. Причините за нејзиното заминување во Велика Британија остануваат нејасни.
Синглер, која има 37 години, жестоко се спротивставуваше на екстрадицијата, негирајќи дека ги нападнала своите деца, пишува „Гардијан“. Нејзиниот адвокат во Лондон, Едвард Фицџералд, тврдеше дека екстрадицијата би ги прекршила европските човекови права, бидејќи во Колорадо таа би можела да се соочи со задолжителна казна доживотен затвор без можност за условна слобода доколку биде осудена за убиство од прв степен.
Сепак, судијата во јануари го отфрли приговорот, а нејзината последна жалба беше одбиена во ноември. Само еден ден пред да бидат пронајдени телата на децата, суд во Колорадо ѝ наложил на Синглер да ги предаде децата на нивниот татко за време на празниците или да се појави на суд со нив.
Во текот на истрагата, Синглер се обидела да го обвини својот поранешен сопруг, тврдејќи дека тој претходно изразувал насилни мисли и дека се обидувал да ѝ ги одземе децата.


