Алтернатива не дава министерства за да влезе Алијанса во Владата

Мнозинството е истото од лани кога Алтернатива се приклучи на Владата, не гледам која би била причината за влез на некоја друга партија во Владата. Единствено ново е стравот на ДУИ да не остане без „огнените“ пратеници. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука, вели генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Алтернатива не гледа никаква причина Алијанса за Албанците да стане дел од владиното мнозинство и нема намера да отстaпи министерство во полза на опозициската партија. Ако премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети договорат влез на Алијанса во Владата, СДСМ и ДУИ ќе треба да отстапат од своите ресори, вели за „Слободен печат“ генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Ковачевски, како што веќе изјави, е оптимист дека владините партнери лесно ќе се договорат ако сите се определени за евроинтеграцискиот пат на државата.

Со ова Ибрахими ги потврдува информациите што ги објави „Слободен печат“ дека Ковачевски допрва ќе треба да го убедува владиниот партнер, претседателот на Алтернатива Африм Гаши, Алијанса да се приклучи на владејачкото мнозинство.

– Ако им веруваме, а јас не би сакал да не им верувам, на премиерот и на претседателот на Алијансата за Албанците дека во петокот разговарале за интеграцискиот процес и за борбата против корупцијата, мислам дека сè уште нема никаков друг контекст за припојување на Алијансата кон владиното мнозинство. Всушност, мнозинството е истото од лани ова време кога Алтернатива се приклучи на Владата, па затоа не гледам која би била причината за влез на некоја друга партија во Владата. Единствено ново е стравот на ДУИ да не остане без „огнените“ пратеници. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука – вели Ибрахими за „Слободен печат“.

Тој додава дека за Алтернатива е важно да продолжи интеграцискиот процес, да се реализира нивниот политички договор со СДСМ. Ибрахими вели дека за Алтернатива не менува ништо ако ДУИ или СДСМ сакаат да отстапат место за некоја друга партија и дека тоа ќе биде нивна одлука.

Премиерот и завчера повтори дека вратата за влез во Владата е отворена за партиите што ги делат вредностите на владината коалиција и кои се за продолжување на европскиот пат на државата, бидејќи друга алтернатива нема. Тој додаде дека засега разговорите се водат на ниво на политички концепт и вредности.

– Ако имате некој со кого коалицирате, тогаш прво мора да се договорат основните базични вредности на кои ќе се заснова политичката коалиција, а потоа за поделба на ресори и преземање одговорност – рече Ковачевски.

Премиерот изјави дека со Алтернатива уште не разговарал за можен влез на Алијанса во Владата, но дека лесно ќе се договорат ако сите се за влез во ЕУ.

– Со дел од коалициските партнери секојдневно комуницирам, така е и со Алтернатива. Последниот разговор го имав со министерот за здравство Беким Сали. Не сме разговарале на таа тема, но сметам дека ако сите сме определени за продолжување на патот на ЕУ-интеграциите, мислам дека лесно сите ќе постигнеме согласност – рече Ковачевски.

Првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за ТВ Клан вели дека е важно да се создаде голем проевропски политички фронт за соочување со антиевропските сили. Според него, ако Алијанса за Албанците влезе во Владата, никој не мора да излезе, па ни Алтернатива.

– Токму тоа и беше причината за влез на Алтернатива на Африм Гаши во Владата мината година. Зошто сега Алтернатива би се откажала од власта поради каква било функција повеќе или помалку, кога повторно во прашање е проевропскиот процес? Како може да го напушти процесот на половина пат само поради една или две причини? Граѓаните гледаат и критикуваат дека во определен период заради еден министер или директор бил оштетен еден толку важен процес како што е интеграцијата на земјата во ЕУ – рече Груби.

Како што веќе објавивме, понудата на власта за влез на Алијанса во Владата е СДСМ, ДУИ и Алтернатива да се откажат од по еден ресор. Неофицијално, во игра се министерствата за правда, информатичко општество, здравство, транспорт и врски, образование и животна средина.

Од позицијата на Алтернатива сега ќе зависи дали Ковачевски и Ахмети ќе треба да прават нови комбинации на ресори, пред и официјално да му понудат на в.д. претседателот на Алијанса Арбен Таравари влез на „Илинденска“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот