Алтернатива: Македонец кој верува дека Албанците некогаш ќе пеат „Денес над Македонија се раѓа“, има сериозни проблеми со реалноста

Фото: Aлтернатива

Плашејќи се дека Ковачевски и Апасиев го заземаат целосно местото на албанофобијата, конечно и претседателот Пендаровски излезе на сцена да побара правна одговорност за оние кои ја „уништија државноста на РСМ“ поради химната на албанското знаме и албанските национални знамиња, реагираа денес од Алтернатива, по повод случувањата во петокот за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти. и низата реакции кои следуваа.

„Како што многупати сме кажале, ако има некој Македонец кој верува дека Албанците некогаш некаде ќе ја отпеат „Денес над Македонија се раѓа“, тој има сериозни проблеми со перцепцијата на реалноста, бидејќи – додека оваа држава не ја разбира мултиетничката реалност – туку инсистира на моноетнички македонски државни симболи, тоа никогаш нема да се случи.Што се однесува до загриженоста на претседателот Пендаровски, мора да истакнеме дека тој со оваа реакција, напаѓајќи го Албин Курти, се чини дека и се додворува на ДУИ за да го поддржи и за уште една кандидатура. Освен тоа, се чини, тој сака да им покаже на Апасиев и на албанофобните македонски националисти дека им е лојален кон „нив“ и, конечно, но најважно, тој преку оваа реакција како да сакаше да му докаже и на Александар Вучиќ дека е подготвен да го повторува својот рефрен секогаш кога тој ќе искаже антиалбански пораки“, изјави Орхан Муртезани од Алтернатива.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашаа дали Ковачевски се срами што гласал за име „Адем Демачи“ наместо „Втора Македонска бригада? Покажаа записници од кои, како што изјавија, јасно се гледа дека владата на Заев, со гласање на Ковачевски, а на предлог на Шилегов, во 2021-ва го менуваат името на улицата во Чаир.

Христијан Мицкоски со денови молчи, нема осуда за настаните и провокациите што се случија во петокот, реагираа и од општинската организација на СДСМ – Тетово, по повод настаните на градскиот плоштад, каде на забава која ја организираше локалната самоуправа се вееше знамето на таканаречена голема Албанија.

Со реакција на својот официјален фејбук профил излезе и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами. Тој напиша дека политичката реторика деновиве нема никаква поврзаност со посетата на Курти.

„Ја разбираме загриженоста на претседателот и Владата, на што, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженоста дека опозициските Албанци во РСМ се здружуваат и ѝ се бројат деновите на оваа влада на криминал и корупција.Доаѓањето на премиерот Курти беше чест за Албанците од Северна Македонија, колку што беше чест и за државата Северна Македонија, со која беше потпишан меморандумот за заедничкиот проект на патот Тетово-Призрен“, стои во фејбук објавата на Касами објавена само на албански јазик.

Од СВР Тетово велат дека се работи на целосно расчистување на случајот на градскиот плоштад, каде се вееше знаме на т.н. „голема Албанија“.

Пред влезот на Тетово во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше пречекан само на албански јазик со пораката „Добредојдовте во Тетово премиере“.

СДСМ – Тетово: Коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам и провокации

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот