Фото: Фејсбук

Алиу на годишнината од Кочани: Не ја забораваме помошта од пријателските земји и пожртвуваноста на здравствените работници

Министерот за здравство Азир Алиу денеска на Меѓународната конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти и решенија една година по пожарот во Кочани упати благодарност до повеќе од 400 здравствени работници од јавниот и приватниот сектор, кои, како што рече, со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам направија натчовечки напори да спасат животи.

„Вашата професионалност, солидарност и хуманост ќе останат длабоко запаметени. Во мигови кога секоја минута значеше надеж, вие бевте вистински партнери во борбата за секој човечки живот“, вели тој.

Министерот им се заблагодари и на медицинските тимови во европските здравствени центри, каде беа испратени и сместени дел од повредените во пожарот.

„Благодарение на воспоставената интероперабилност, 115 пациенти беа безбедно упатени на лекување во европски клиники. Во услови кога секоја одлука мораше да биде брза и прецизна, затоа што беше од животно значење, институциите делуваа усогласено и одговорно“, кажа министерот.

Зборувајќи за долгорочните последици од трагедијата, рече дека покрај физичките повреди, кај повредените, нивните семејства, но и во заедницата, остануваат и психилошкитее траги.

Луѓето чии животи згаснаа во пожарот во Кочани не се бројка, туку се судбини и личности, изјави Мицкоски

Во обраќањето, Алиу потенцираше дека оваа трагедија ја откри потребата за дополнително јакнење на капацитетите во третманот на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација.

„Најголемата обврска кон жртвите и повредените е континуирано унапредување на здравствениот систем“, рече Алиу.

Тој додаде дека иако пред една година не бил министер, тој како човек и како граѓанин ја следел оваа болка со чувство на немир и тага.

„Денес, како министер, кога ги слушам личните сведоштва за пожртвуваноста на лекарите, медицинските сестри, техничарите, возачите, односно сите кои биле вклучени, уште подлабоко разбирам за големината на силата, знаењето и смиреноста кои биле потребни во тие мигови. Тие сведоштва ми создадоа лична и професионална обврска како министер да работам овие сеќавања да ги претвориме во трајна институционална подготвеност на здравствениот систем“, додаде министерот.

На денешната конференција се присутни и 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествуваа во лекувањето на пациентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот