Александар Трајковски одлучи да ја заврши репрезентативната кариера
Македонската фудбалска сениорска репрезентација се подготвува за пријателскиот натпревар против Ирска што ќе се игра во Даблин во вторник од 20.45 часот. Овие две селекции беа поразени во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство 2026, Ирците беа елиминирани од Чешка, а избраниците на селекторот Гоце Седлоски загубија од Данска со 4:0 во Копенхаген.
Препорачано
Еден од најискусните македонски фудбалери, Александар Трајковски (33) беше на клупата за резервни играчи, но изненадувачки за многумина не доби никаква минутажа на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.
Седлоски се осврна на ситуацијата со Александар Трајковски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуката била донесена исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.
-Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден – се зборовите на селекторот.
Трајковски овој месец, со настапи против Данска и Ирска, можеше да запише јубилејни 100 натпревари во репрезентативниот дрес. Денеска на социјалните мрежи Трајковски ја информираше јавноста дека ја завршува репрезентативната кариера.
Трајковски е втор најдобар стрелец во историјата на националниот тим со 24 голови, далеку на врвот е на Горан Пандев со 38.
-Денес стојам пред вас со срце полно емоции…Од првиот ден кога го облеков дресот, знаев дека тоа не е само обврска – туку чест, гордост и одговорност која не може да се опише со зборови. Да ја претставуваш својата земја, својот народ, своето семејство… Тоа е нешто што се чувствува, не се објаснува. Секој повик во репрезентацијата за мене беше како прв. Истата возбуда, истата трема, истата желба да дадам сè од себе. Секој натпревар беше битка, секој гол – момент кој ќе го носам во срцето засекогаш. Но повеќе од сè, ќе ги паметам луѓетo,соиграчите кои станаа браќа, кои веруваа во мене и сите оние кои беа дел од ова патување.
Имаше и тешки моменти… Порази кои болеа, но и победи кои не учеа што значи вистинска радост. Во сите тие моменти, едно нешто никогаш не се промени – љубовта кон дресот и желбата да се даде максимумот за нашата земја. Сепак, во изминатиот период чувствувам дека мојот труд, и залагање не беа доволно вреднувани. Посебна благодарност до навивачите,вие бевте нашата сила кога беше најтешко, нашиот ветер во грб кога ни требаше најмногу.
Ова не е лесна одлука…Заминувањето боли, но истовремено носи и гордост. Гордост што имав чест да бидам дел од оваа репрезентација и да го носам овој дрес со срце. Репрезентацијата не е само тим – тоа е семејство..Ви благодарам на сите за довербата, поддршката и љубовта низ сите овие години. Ви благодарам што ми дозволивте да го живеам мојот сон.
Со крената глава и полно срце… Се повлекувам..
Со почит…Александар Трајковски


