Албанската опозиција најави тужба против Георгиевска за ДИК

Во контакт сме со адвокатска канцеларија во Скопје за да поднесеме кривична пријава против Георгиевска доколку таа во следните денови не ја деблокира работата на Комисијата и не дозволи кандидатот на албанската опозиција Абдуш Демири да помине, рече Фадил Зендели од Европскиот сојуз за промени

Европскиот сојуз за промени (ЕСП), по средбата со претседателот на Собранието Јован Митрески, најави кривична пријава против претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска, ако итно не закаже продолжение на седницата за избор на нивниот предлог за член на Државната изборна комисија (ДИК). Алијанса за Албанците (АА) повтори дека ним им припаѓа местото во ДИК, додека Георгиевска порача дека седницата ќе продолжи само ако една од партиите потврди дека обезбедила двотретинско мнозинство за избор на член во највисокиoт изборен орган. Како што веќе објавивме, ДИК најверојатно во нецелосен состав ќе ги спроведе изборите, бидејќи ниту албанскиот опозициски блок ниту власта нема двотретинска поддршка за кандидатите.

По средбата со Митрески, Фадил Зендели од ЕСП рече дека процесот е заглавен кај претседателката на Комисијата, Георгиевска.

– Целта на нашата средба беше изборот на членот на ДИК, работа што се одолжува со месеци во Собранието. Целиот процес е изблокиран во постапките на нашето Собрание кај членот на СДСМ и претседател на Комисијата. Разгледуваме нови алтернативи во нашето политичко делување. Во контакт сме со адвокатска канцеларија во Скопје за да поднесеме кривична пријава против Георгиевска доколку таа во следните денови не ја деблокира работата на Комисијата и не дозволи кандидатот на албанската опозиција Абдуш Демири да помине – рече Зендели.

Тој повторно обвини дека целата постапка се комплицирала од претходниот претседател на Собранието Талат Џафери и го обвини дека овозможил новоформирана партија (таа на Аријанит Хоџа – н.з.) која не учествувала на избори, да предложи член на ДИК.

– Тој кандидат не беше нивен член, таа партија според последните гласања што ги имавме во Собранието, се покажа дека го поддржува мнозинството и е дел од извршната власт, а и тие веќе се носители на некои веќе директорски позиции во извршната власт. Јасна е ситуацијата дека таа партија е партија на мнозинството, значи не може да има член на ДИК, имајќи предвид дека Изборниот законик јасно кажува дека тоа место ѝ припаѓа на опозицијата, во конкретниов случај на албанската опозиција – рече Зендели.

Од Алијанса за Албанците зад чиј кандидат за ДИК застана партијата на Хоџа остануваат на ставот дека ним им припаѓа местото во ДИК.

-Повторуваме, правото да се биде член на ДИК е право од кое не може да се отстапи со добра или лоша желба на претседател на парламентот, кој и да е тој, но тоа е право што се добива со гласот на народот на последните избори. На последните избори народот реши да ѝ го додели местото на ДИК на Алијансата за Албанците. Свое место во ДИК има и Фадил Зендели и Движењето Беса преку СДСМ, бидејќи беа во коалиција, Изет Меџити е претставен преку ДУИ. Порачуваме Зендели од претседателот на Собранието Митрески да побара од СДСМ да им отстапи еден од членови во ДИК – порача Аднан Незири, кординатор на АА.

Георгиевска одби да коментира за најавата дека против неа ќе биде поднесена кривична пријава. Освен Демири, како предлог на ЕСП за член на ДИК е предложен и Зулфи Адили од АА, а поддржан од партијата на Хоџа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот