Ал Шара на средба со Путин за руското повлекување од Сирија
Рускиот претседател Владимир Путин и сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денес во Кремљ ќе разговараат за прашања поврзани со присуството на руските вооружени сили во Сирија, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател.
Препорачано
„Не се сомневам дека сите прашања поврзани со присуството на нашата војска во Сирија ќе бидат покренати за време на разговорите меѓу рускиот и сирискиот претседател“, изјави Песков за новинарите, објави РИА Новости.
Кремљ претходно соопшти дека двете страни планираат да разговараат за состојбата и перспективите за развој на билатералните односи во различни области, како и за моменталната ситуација на Блискиот Исток.
Претходната посета на сирискиот лидер на Русија се одржа пред нешто повеќе од три месеци, на 15 октомври 2025 година, кога Ал-Шара се сретна со претседателот Путин во Кремљ.
Според руската новинска агенција, тоа беше прва посета на Ал-Шара на Русија и прв директен контакт меѓу двајцата лидери на највисоко ниво од промената на власта во Сирија.
Да потсетиме дека во последните денови, медиумите објавија дека руските сили почнале да се повлекуваат од една од најважните воени точки во Сирија градот Кумајшли.
Имено, таму се наоѓа една од најважните руски воени точки во североисточна Сирија, област која со години е место на сложено соперништво меѓу Русија, САД, Турција, Сириските демократски сили и локалните курдски владини структури.


