Трамп танцува/Фото: ALEX WONG / Getty images / Profimedia

Аксиос: Се чини дека Трамп е во ќор-сокак

Еден месец од почетокот на војната против Иран, претседателот на САД Доналд Трамп покажува три сосема различни лица со своите потези. Воена кампања која во голема мера ги исполнува неговите очекувања, стратешка визија која не е координирана, но и политички и економски проблеми кои се влошуваат од ден на ден како што војната продолжува.

Додека администрацијата на Трамп ја поздравува операцијата „Епски бес“ како огромен успех, текот на војната се одвива несинхронизирано од менување на целите за што се војува па сè до зголемување на трошоците, што укажува на можен ќорсокак за САД, анализира „Аксиос“.

Воена доминација на терен

Според конвенционалните воени стандарди, САД и Израел доминираат со Иран на море, во воздух и на копно. Како што наведува порталот, во првите 29 дена од операцијата „Епски бес“, биле погодени повеќе од 11.000 цели, беа извршени повеќе од 11.000 летови, а повеќе од 150 ирански бродови биле оштетени или уништени, соопшти Пентагон.

Во почетната фаза од војната исто така беше обезглавен голем дел од военото раководство на Иран и му беше нанесена значителна штета на неговата програма за балистички ракети.

Високата цена на војната

Сепак, според „Аксиос“ одржувањето на воена кампања има своја цена. Најмалку 13 американски војници се убиени, а стотици се ранети. Голема опрема во вредност од милијарди долари е оштетена или уништена во пресметките со иранските сили, а проценетите оперативни трошоци за американците се околу една милијарда долари дневно.

Она што е итересно е дека САД потрошија повеќе од 850 крстосувачки ракети „томахавк“ за четири недели, објави „Вашингтон пост“, во време кога залихите веќе беа далеку под планираните нивоа.

Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, посочи дека Министерството за војна има сè што му е потребно за да изврши која било мисија во кое било време и на место што ќе го избере претседателот и во кој било даден рок.

Сепак и покрај овие можности, Пентагон бара финансиска инјекција од околу 200 милијарди долари за војната, главно за надополнување на залихите со муниција.

Иранските напади продолжуваат

Во меѓувреме, иранските ракети продолжуваат да го напаѓаат регионот, а американските сили не се поштедени. Само еден ден откако министерот за одбрана на САД Пит Хегсет прогласи дека иранската војска е „неутрализирана“, иранските ракети погодија база во Саудиска Арабија, ранувајќи 29 американски војници и оштетувајќи неколку американски авиони за полнење гориво и надзор.

„Њујорк тајмс“ објави дека повеќето од 13-те американски воени бази во регионот станале непогодни за живеење поради тековните ирански напади. Во исто време Пентагон, поради безбедност, одби да ги коментира извештаите за случувањата.

Стратешката слика не изгледа добро

Стратешката слика е тешко да се совпадне со триумфализмот на администрацијата. Отстранувањето на иранското раководство, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи, не го дестабилизираше режимот, не го омекна неговиот антиамерикански став, ниту пак му донесе слобода на иранскиот народ.

Централното оправдување за војната, елиминирање на иранската нуклеарна закана, останува нерешено. Трамп сега размислува за копнена операција со висок ризик по американската војска која се однесува на запленување на иранските залихи на високо збогатениот ураниум. Затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран стана најштетната непредвидена последица од војната, предизвикувајќи историски енергетски шок кој ги затегна односите со сојузниците и се заканува да ескалира во долготрајна стратешка криза, посочува американскиот портал.

Каква ќе биде политичката цена дома?

Од друга страна во Америка, војната зема голем политички данок според речиси секоја достапна метрика. За прв пат во неговиот втор мандат, просечниот рејтинг на одобрување на Трамп падна под 40 проценти, додека цените на бензинот од 4 долари за галон дополнително ја поткопаа неговата економска позиција.

Војната во Иран е најнепопуларната голема воена акција во модерната американска историја. Повеќе од 60 проценти од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп го води конфликтот, според истражување на Пју Рисрч.

Поддршката на Трамп се намалува и во рамките на неговата сопствена коалиција каде неговиот рејтинг меѓу гласачите кои гласаа за него во 2024 година изнесуваше 93 проценти, а сега падна на 76 проценти, според анкетата на Југов спроведена од 27 до 30 март.

Поддршката за Доналд Трамп се намалува и во рамките на неговата сопствена коалиција. Неговиот рејтинг меѓу гласачите кои гласале за него на изборите во 2024 година, од тогашните 93 проценти, сега паднал на 76 проценти, покажува анкетата на „Југов“, спроведена во периодот од 27 до 30 март.

Порталот Аксиос наведува дека иако американската војска го направи она што беше побарано од неа, сега поголемото прашање е како изгледа вистинската победа, прашање на кое администрацијата на Трамп сè уште не одговорила.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот