Ако не падне Груби, „огнените“ најавуваат фракција

Фото: МИА

Ако има само формална дебата и формално функционирање на органите на ДУИ, подобро да ги нема. Ова е пораката на „огнената група“ пред денешниот состанок на Централното претседателство, на кој министрите, замениците министри и државните секретари, вкупно 14, ќе треба да дадат отчет за сработеното, на барање на „огнените“ и смена на првиот вицепремиер Артан Груби и на други министри. Во спротивно, како што велат „огнените“ за „Слободен печат“, отворена е опцијата за фракција во партијата.

Како што веќе објавивме, отчет и министрите ќе бараат од „огнените“ пратеници Изет Меџити и Мерита Коџаџику, градоначалници Блерим Беџети и Висар Ганиу и доскорешни потпретседатели на ДУИ Меџити, Невзат Бејта и Садула Дураки.

Ова навестува долга и мачна дебата во централата на ДУИ во „Мала Речица“, која е закажана за денеска во 14.30 часот, но колку ќе трае, никој не може да каже. Заседанијата на Централното претседателство, велат од партијата, ќе траат до исцрпување на реферирањата за сработеното на функционерите, односно можно е да има и неколку продолженија.
„Огнените“ за најавата дека и од нив ќе се бара да реферираат дали и колку работеле за интересите на партијата, велат дека отчет може да се бара само од егзекутивата, но не и од пратениците.

– Отчет може да побара само Централното претседателство, а не министрите, и тоа од градоначалници и директори, но не и од пратеници. Нема да дозволиме да го минираат состанокот, ако се бара отчет од нас, тоа може на друга седница, не на утрешната. Грешно ја сфатиле пораката, но им ја разбираме нервозата. Не им држи ставот за отчет на пратениците. Меџити не е  член на ниту една собраниска комисија, а се повлече од координатор на пратеничката група на ДУИ откако министрите ги игнорираа пораките кога тој не гласаше за нив при изборот на Владата. И со неприсуство на собраниски седници се изразува став и се праќа порака до партијата. Ако бараат одговорност од Меџити како пратеник, ќе прашаме зошто лидерот и пратеник Али Ахмети ретко присуствува во Собранието, особено во претходните мандати – велат „огнените“.

Неизвесно е каква ќе биде разрешницата, бидејќи Централното претседателство не гласа. Министрите, според наши сознанија, подготвиле „богата литература“ за сработеното, односно отчетите бројат десетици страници. Очекувањата се дека на состанокот ќе се спротивстават аргументите „за“ и „против“ работата на министрите, замениците и на државните секретари и според „огнените“, ако надвладеат нивните аргументи министрите сами ќе треба да се повлечат од функцијата, во спротивно Ахмети ќе треба да пресече дали на премиерот Димитар Ковачевски ќе му предложи нови министри и проветрување на владиниот кабинет.

– Од барањата во писмото кое го објавивме во јавноста досега издејствуваме отворање на внатрепартиска дебата, формирани се партиските органи, останува уште отчетот и смена на министри. Посакуваме Централното претседателство да биде на ниво на задачата, да биде функционално, да има суштинска, а не формална дебата. Ако ја надминеме ситуацијата, ќе покажеме голем демократски капацитет, не само во ДУИ туку и во однос на другите партии – велат „огнените”.

Во спротивно „огнените“ можно е да формираат фракција во ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот