Ако на партиите им се исполнат желбите тогаш Собранието, наместо 120, треба да брои 150 пратенци

Фотo: Слободен печат/ Драган Митрески

Според бројот на мандати што ги очекуваат лидерите на овие парламентарни избори, во Собранието ќе фалат уште најмалку два три реда маси и столчиња. Простата математика покажува дека според партиските желби, бројот на народните избраници би изнесувал некаде над 150. Но, во релноста, за толку многу пратеници нема место бидејќи во Собранието има само 120 пратенички столчиња. Познавачите на политичката ситуација велат дека партиите со ваквото лицитирање сакаат да влијаат врз граѓаните бидејќи знаат дека македонските гласачи најчесто се приклонуваат кон победникот.

Дилемата дали во македонскто Собрание ќе има доволен број на столчиња се отвора откако речиси сите лидери во јавноста излегоа со свои очекувања за број на пратеници кои би сакале да ги освојат на 10-те пралементарни избори. Последен во низата кој се изјасни на оваа тема е претедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе има мнозинство во парламентот, кое ќе го сочинуваат 61 пратеник.

– Разочараноста е огромна, тенденцијата е да има промени, да дојдат политичари кои нудат надеж, политичари кои знаат како да се справат со предизвиците, јас сум убеден во една огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ, па и не би ме изненадило ако имаме мнозинство во парламентот – рече Мицкоски.

Прогнозите, пак, на претседателот на СДСМ Зоран Заев, се речиси сосема спротивни од оние на опозицискиот лидер. И лидерот на владејачката партија очекува победа на коалицијата „Можеме“. Неодамна од Гостивар тој порача дека во 6 – та изборна единица ќе ги победи и ДУИ и Алијансата за Албанците и ќе освои најмалку дупло повеќе пратенци од ВМРО-ДПМНЕ. Пред неколку дена во дебатна емисија Заев на Мицкоски му посочи дека Коалицијата предводена од СДСМ ќе освои 55 пратеници наспроти ВМРО-ДПМНЕ за кој рече дека на овие избори ќе освојат одвај 47.

– На 15 јули, немојте да дозволите да останете дома. Со коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ одиме напред, а ВМРО-ДПМНЕ се опасност за државата. Да не ризикуваме, да го даваме гласот за било кој, за тие кои можат да коалицираат со Мицкоски, а со тоа да се врати режимот на ВМРО-ДПМНЕ и државата да се врати назад – рече Заев.

И во албанскиот блок, лидерите на партиите лицитираат со бројот на освоените мандати. Претседателот на ДУИ Али Ахмети очекува да освои и овојпат најголем број на пратенци. Само така партијата ќе имала легитимитет да преговара за Албанец за премиер. Од друга страна пак лидерот на ДПА Мендух Тачи, барајќи потпретседателска функција во Владата, неодамна рече дека ќе го смири Ахмети.

– Мојата порака до граѓаните е граѓаните да не се вознемируваат, дека јас сум кандидат за заменик-премиер и ако седнам на тоа место, гарантирам дека Ахмети и ДУИ ќе го почитуваат гласот на граѓанинот и ќе бидат мирни како кокошки – рече Тачи.

И Алијансата и Алтернатива очекуваат повеќе пратеници од освоените во 2016 година.

Од македонскиот блок влез во парламентот со освоени пратенички мандати очекуваат и Левица, Глас за Македонија, Интегра.

Зошто партиите се наддаваат со бројот на пратеници и дали на тој начин целта им е да влијаат врз гласачите, политикологот Петар Арсовиски вели дека целта на партиите е да се прикажат како победници, бидејќи граѓаните сакаат да се со победникот.

– На таков начин политичките лидери ги мотивираат сопствените гласачи за да излезат на гласање. Македонскиот електорат е авторитарен и често се приклонува кон победникот. Дополнително постои една категорија опортунистички гласачи кои гласаат исто така за победник. Тоа се причините зошто паратиите сакаат да се прикажат како победници – вели Арсовски.

Арсовски посочува дека во моментов многу е тешко да се предвиди која партија колку пратенички мандати ќе освои, бидејќи се појавуваат различни анкети.

– Тоа што го гледаме, е дека поголемите странски агенци, ИФЕС и Брима Галуб, предност од 3-4 проценти му даваат на СДСМ – вели Арсовски.

Според него, доколу генерално излезноста на изборите биде голема тогаш тешко дека помалите партии ќе влезат во парламентот. Но, затоа пак смета дека во местата каде што се натпреваруваат помалите партии излезноста треба да биде поголема. На пример, тоа се изборнте единици 3 и 4 каде битката ја водат македонските партии и во 6 ИЕ каде се натпреваруваат албанските партии.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, а СДСМ 49. Кај партиите на Албанците, ДУИ победи и освои десет пратеници. Втора партија кај Албанците според освоените мандати беше „Беса“ со пет пратенички места, потоа следуваа Алијанса за Албанците на Зијадин Села со тројца и ДПА со двајца освоени пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот