Академик Љупчо Коцарев: „Македонија- геополитичка лабораторија на големите „играчи“ кои тестираат свои „рецепти“ за соживот и стабилизација.

Во интервју за Слободен печат претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев изнесува неколку провокативни тези за Преспанскиот договор како и за Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој  во оваа прилика тврди дека и двата договори се недостоинствени за граѓаните на Македонија и дека Македонија е „центар за регионална дестабилизација“ како резултат на геополитичките игри на големите сили кои ја претвораат во поле на своевиден експеримент.

Ако кон ова се додадат и домашните политички превирања тогаш, заклучува Коцарев, бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне.

– Неодамна изјавивте дека МАНУ планира да направи своевидна научна преоценка на Договорот од Преспа за кој рековте дека „е извор на дестабилизација на регионот“! Дали сеуште стоите на истата позиција и врз основа на што го тврдите тоа?

Да, сеуште стојам на истата позиција и еве ги моите куси размислувања (кои ќе бидат дополнети во интегрален текст, што наскоро ќе биде објавен во МАНУ). Значењето на Преспанската спогодба, според некои автори, има повеќе димензии. Прво, за САД примарната цел на Преспанската спогодба беше покажување на агресивна дипломатија кон Русија (која што го презеде водството на Блискиот Исток) и Кина (која што економски продираше во регионот), при тоа, не водејќи сметка за ефектите, без оглед дали биле намерни или не, врз политиката на проширување на ЕУ. Второ, „решението“ за спорот за името беше мотивирано од геополитичка „итност“, т.е. од потребата за зацврстување на НАТО на Балканот во контекст на можната нова студена војна и требаше да послужи како увертира за решавање на многу поважно геополитичко прашање – односот Белград / Приштина. Трето, очигледното непочитување на негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за македонското општество укажува на тоа дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион, Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок. Македонија, за жал, во последните неколку години, постепено, за да конечно, во 2020, стана центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но, делумно и поради сличните појави и однесувања во дел од ЕУ државите. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример, во, благо речено, дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што тоа не го гледаат, всушност, од ним (не)познати интереси, не сакаат да го видат. После се што направи Македонија, од независноста до денес, да се потсетиме, бевме први во регионот по многу прашања, останува горчлив вкусот дека Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми „играчи“ тестираат свои „рецепти“ за стабилизација, соживот, и институционална трансформација.

Во доминантниот дипломатски дискурс на нашите политичари, стабилноста и просперитетот на Македонија се разгледува во контекст на членството во ЕУ. При тоа, за жал, доминантен е стереотипот дека овој процес ја стабилизира и мотивира демократската, економската, општествената и безбедносната трансформација на Македонија. Од друга страна, во текот на последниве децении, регионот, не само Македонија, вклучувајќи ги државите што веќе се во ЕУ, и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области на ЕУ. Можеби неколку децении се мал период, но, впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија, со секоја измината година, полека но сигурно се повеќе тоне. Ако во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/или реформи, кои не ги исполнуваат многу други ЕУ држави, ако некои од напредните западни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности кога и самите тие не ги почитуваат, ако Македонија се соочува со, благо кажано, бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нас?

МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодба не смее да се третира како табу-тема. Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни, спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството.

-Ваквата изјава наиде и на реакции во јавноста. Сметате ли дека таквата своевидна „ревизија“ на договорот ќе остане само за домашна научна употреба, или може и треба да има и политички импликации во стварноста и какви би биле тие?

За можните геополитички импликации треба да се направи многу подетална анализа, а за идните политички решенија треба да има консензус. Синтагмата „ЕУ е единствена алтернатива“ е потполно погрешна – многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата, од повеќето, алтернативи. Или, слично. Вака, ако ЕУ, од повеќе причини (неповрзани со Македонија) го стопира целосно процесот на проширување или го одложи за подолг период, што тоа ќе значи за Македонија?
За две работи би сакал да проговорам накусо сега. Прво, минатата година, пандемијата ковид-19 го стави на тест и светот, но и Македонија, укажувајќи на инхерентните слабости кои досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе, и во транснационалните институции. Интересот што стои зад национализмот и неговите институции (на пример, националната држава) – достоинство на личниот идентитет – пандемијата го зацврсти. Така, транснационалните институции, наместо националната држава, најверојатно ќе станат жртви на пандемијата. Во тоа светло, треба да се анализираат договорите со нашите соседи и идните политики на ЕУ за проширување.

-Дали имате сличен став и во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија кој очигледно не ги дава саканите резултати, туку напротив Македонско-Бугарските односи навлегоа во своевиден ќорсокак при што се навлегува во идентитетските прашања на Македонскиот народ?

Не навлегувајќи во текстот на договорите, во (не)научните аргументи на понудените решенија, за тоа ќе зборувам на друго место, она што сакам да го кажам тука е дека и двата договори се недостоинствени за граѓаните на Македонија.
Според многу истражувања, моралните избори се возможни, „но луѓето се наклонети да ги поддржуваат професионалните“ и (не)етичките „кодови на апстрактната државна машинерија“.
Кои се нашите морални избори? За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши? Моралниот избор на МАНУ е преточен во многу документи на МАНУ, за 2020 година, тоа се, на пример, Промеморијата за државотворноста и идентитетот на Македонскиот народ и Ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Моралниот избор на државата Македонија е јасен. За ова сум говорел повеќе пати: за државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. Ваквиот избор, нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување на било каква штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство.

– Иако сметате дека Договорот од Преспа е „штетен“ за нас и за регионот, сепак можат ли некои одредби од тој договор да бидат аргумент повеќе во корист на Македонија во спорот со Бугарија?

Детална анализа на одредбите од двата договори, со посебен осврт на инхерентната поврзаност на спогодбите со Бугарија и со Грција, кои веќе создаваат синергија која не беше предвидена или беше превидена во времето кога се потпишуваа двата договори, ќе направам на друго место. Тука, само сакам да укажам дека за таа поврзаност зборуваше, уште во 2019, професорот Виктор Фридман. Неговите размислувања, во 2021 година, ќе бидат објавени, од реномираната англиска издавачка куќа Routledge, во книгата со наслов „Македонија и идентитетската политика по Спогодбата од Преспа“, во која е поместен неговиот труд „Чаша полна до половина или пехар со отров? Спогодбата од Преспа и современиот македонски јазик“. Според Фридман „ако формулацијата се толкува на тој начин, или ако Северна Македонија е принудена од ЕУ да ги прифати бугарските негирања за постоењето на македонските дијалекти, тогаш Спогодбата од Преспа ќе биде повеќе пехар со отров“.

Има ли според вас реални шанси Бугарија да ги промени исклучивте барања, кои освен што се политички, станаа и „научни“ со поддршка од страна на БАН?

Ставовите на нашиот сосед се јасни. На 9 октомври 2019 година, бугарската влада официјално усвои документ со кој се определува Рамковната позицијата на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија. Позицијата е непроменета и недвосмислена, што се потврдува и со следниот цитат (преземен од веб страната на Владата на Република Бугарија, https://www.gov.bg/bg/prestsentar/novini/ramkova-pozitsia ):
„Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот”.
Зар има потреба од други коментари? Дел од суверенитетот на било која држава вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религија, јазик, националност и соодветно на тоа, образовниот систем. Суверенитетот на било која држава, па така и на Македонија, вклучува право на самоопределување за прашањата на идентитетот, јазикот и религијата, што подразбира, од друга страна, дека идентитетот, јазикот, и историјата воопшто не се (и не треба да бидат) тема за политичко пазарење.

– МАНУ во изминатиот период имаше обиди за доближување на соработката со БАН токму по ова прашање, но во одреден временски политички период како тие напори да запреа. Кои беа причините за тоа?

Не сум сигурен дека обидите за соработката со БАН беа, она што вие го велите, „токму по ова прашање“. МАНУ и БАН имаа вистинска соработка во многу научни полиња, но прашањата за македонскиот јазик и идентитет, се чини, според мене, беа ставени „под тепих“, иако, ниту македонскиот јазик ниту македонскиот идентитет не беа оспорувани и ние имавме со БАН рамноправна и достоинствена соработка. Мислам дека единствената причина за прекинот на соработката се ставовите на МАНУ во врска со македонскиот идентитет, јазик, и историја.

– Дали МАНУ размислува да се вклучи во решавање на спорот преку директни контакти со БАН?

Би сакал тоа да се случи што поскоро и ќе ги поддржам сите инцијативи во таа насока. Но, со една забелешка. Кога станува збор за институционална соработка меѓу две академии, треба да се подвлече дека, во согласност со Статутот на МАНУ, за тоа одлучуваат органите/телата на МАНУ, а не нејзиниот претседател. Во однос на институционалните соработки, би сакал да потенцирам дека ќе ги поддржам само соработките на МАНУ со оние институции, вклучувајќи и академии, кои го почитуваат научниот факт: Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот