Ајакс, најубавата фудбалската бајка сезонава

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

„Да се игра фудбал е многу едноставно, но да се игра едноставен фудбал е најтешката работа“ се зборовите на легендарниот Јохан Кројф, творецот на модерниот Ајакс и најголема легенда на холандскиот фудбал.
Тоталниот фудбал е главната одлика на неговата филозофија и таа е вкоренета во гените на сите генерации на фудбалери на Ајакс, од петлињата па се до првиот тим.

Токму филозофијата на Кројф беше главната причина како Ајакс успеа да ги шокира великаните, прво Реал Мадрид, а потоа и Јувентус со што ја креира најубавата фудбалска приказна сезонава.
На Јувентус не му помогна ни Кристијано Роналдо, ни поволниот резултат од првиот натпревар (1:1) ниту пак предноста од 1:0 во првото полувреме на реваншот во Торино. Децата на Ајакс го размонтираа силниот Јувентус во второто полувреме и му одржаа вистинска лекција по модерен фудбал.
Ајакс и во минатото играл одлично но „умираа во убавината“, а најдобар пример за тоа е финалето на Лигата на Европа пред две години кога загубија од Манчестер јунајтед со 0:2 иако доминираа на теренот.

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Многу од тие играчи кои загубија од Јунајтед, сега му одржаа лекција на Јувентус, еден од нив е и капитенот 19-годишниот Матијс Де Лихт кој сега е најбаран дефанзивец во светот. Под тренерската палка на Ерик Тен Хаг кој го презеде Ајакс во 2017 година, Де Лихт, Ласе Шоне, Андре Онана, Хаким Зијех, Давид Нерес, Френки де Јонг (сите играа во финалето на Лига на Европа), дополнително напредуваа, а со паметната трансфер политика Ајакс направи тим кој игра најубав за око фудбал во светот.

Поголем дел од тимот кој го прегази Реал Мадрид и му одржа лекција на Јувентус е креиран во позната академија на Ајакс. Од неа излегоа Де Лихт, Ван де Бек, Велтман и Мазрауи, а на нив може да им се додаде и Френки де Јонг кој од Вилем втори е купен за само едно евро, со процент од неговата следна продажба. Барселона веќе плати 75 милиони евра за неговите услуги и од лето ќе го носи дресот на каталонскиот клуб.
Ајакс одвои милионски суми за ангажман на Дејли Блинд (16 милиони евра), Душан Тадиќ (12), Давид Нерес (12), Хаким Зијех (11), Лисандро Магалана (9), Хасан Балде (9) и Закарија Лабијада (6), додека Ласе Шоне е донесен бесплатно од НЕЦ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот