Ахмети до март не „прифаќа“ оставка од Заев!

Зоран Заев Али Ахмети
Фото: Facebook/Зоран Заев

Заев треба да биде премиер бидејќи има големи работи за решавање. Надежите се дека на 14 декември ќе добиеме датум, а до март ќе се одржи првата меѓувладина конференција со која Македонија и Албанија ќе ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не дозволува Зоран Заев да поднесе оставка од премиерската функција, барем не до март следната година, вели висок функционер на ДУИ за „Слободен печат“. Заев, пак, кој замина од лидерската позиција од СДМ, без оглед на исходот од преговорите за влез во Владата на Алтернатива и од европскиот самит во Брисел, решен е во декември да ја активира и премиерската оставка, тврди висок функционер од кабинетот на премиерот.

Според засега крајно спротивставените расположенија на Заев и на Ахмети допрва претстои период на (раз)убедување помеѓу нив, како владини партнери, за тајмингот за ефектуирање на оставката на премиерот.

– Заев треба да биде премиер бидејќи има големи работи за решавање. Без заедно да одлучат Заев и Ахмети и без да  влезат во колосек важните работи, Заев нема да се тргне од одговорноста да ги решиме проблемите. Надежите се дека на 14 декември ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, а дека до март идната година ќе се одржи првата меѓувладина конференција со која Македонија и Албанија ќе ги почнат пристапните преговори со Европската Унија. Ќе разговараме, ќе направиме анализи, но сепак сметам дека Заев до март ќе биде премиер – вели функционерот од ДУИ.

По оставката од лидерската функција во СДСМ викендов, Заев изјави дека планира да остане премиер додека не ги заврши преговорите со Алтернатива и додека не го види исходот со Бугарија.

– Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Потоа со стабилно и со зголемено парламентарно мнозинство во Собранието ќе почне постапка за избор на влада во која ќе биде и Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради која Алтернатива би влегла во власта е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговорите со ЕУ – изјави Заев.

И додека исходот од декемврискиот самит е неизвесен, по средбата помеѓу Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, извесно е дека опозициската партија влегува во Владата и дека парламентарното мнозинство ќе брои најмалку 64 пратеници.

На втората средба помеѓу Заев и Гаши, на која присуствуваа и Димитар Ковачевски, кандидат за нов лидер на СДСМ, и генералниот секретар на Алтернатива Беким Сали, начелно е договорен програмскиот дел од можниот влез на Алтернатива во Владата.

Од Алтернатива велат дека во целост се прифатени нивните програмски определби, односно осумте барања што ќе станат дел од владината програма – да продолжат евроинтеграциските процеси, да има повторни судења за неколку предмети, да има приоритет развојот на Липковскиот регион… До утре ќе треба да се прецизираат измените на законите со кои барањата на Алтернатива ќе бидат инкорпорирани во програмата на Владата.

„Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на државните институции што им служат на граѓаните. Започнаа разговорите за преземање и за споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се разменија мислења околу можните кадровски решенија што треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности – министри, заменици-министри и други раководни лица во рамките на централната власт“, се вели во соопштението на владината прес-служба по средбата Заев-Гаши.

Функционерот од Алтернатива вели дека на средбата генералниот секретар на партијата Беким Сали, кој е стоматолог, добил начелна согласност да биде идниот министер за здравство. Алтернатива го барала и вицепремиерското столче на Љупчо Николовски, но ќе треба да се задоволи со уште една или со најмногу две министерски позиции, бидејќи објаснувањето било дека Николовски е успешен вицепремиер. Според информации од средбата, за другите ресори и за кадровската понуда допрва ќе се разговара, а отворени биле позициите во ресорите труд и социјала, информатичко општество, транспорт и врски, образование и земјоделие. Алтернатива бара три министерски функции, додека според информации од СДСМ, најверојатно партијата на Гаши ќе добие двајца министри. Допрва ќе се разговара за бројот на заменици-министри, како и за директорските места.

За инсистирањето на Алтернатива при поделбата на ресорите освен СДСМ, отстапки да направи и ДУИ, од партијата на Гаши велат дека најверојатно и кај партијата на Ахмети има подготвеност за тоа. Сепак, тоа деновиве ќе треба да го изменаџира Заев со Ахмети, бидејќи ќе нема средба во тројка меѓу Заев, Ахмети и Гаши.

Функционер од ДУИ за „Слободен печат“ веќе изјави дека треба да се оцени дали треба да има смена на некои од функционерите на ДУИ.

– Важни се евроинтеграцискиот пат и стабилното владејачко мнозинство. Кога намерата е добра, секогаш има решение – вели функционерот на ДУИ.

Најголемата дилема на Алтернатива за влез во Владата е да нема избори, односно нивна тенденција е Владата да го истурка мандатот до крај. И Гаши пред средбата изјави дека остануваат на ставот дека во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.

Видео на денот