Агенција за филм: „Хомо“ оди на фестивал во Гоа

Агенцијата за филм на 29 декември во МКЦ-Клуб и ресторан одржа прес-конференција на која беше објавена веста за селекцијата на играниот филм „Хомо“, во режија на Игор Иванов-Изи, во официјалната програма на најзначајниот филмски фестивал во Азија, фестивалот во Гоа. Фестивалот ќе се одржи со проекции во живо во јануари 2021 година. Филмот „Хомо“ е во доминантна македонска продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција од Косово, Бугарија и Хрватска.

– Филмот е сложена форма на уметност и продукција, каде творат најдобрите од најдобрите. Последните три години нашата земја демонстрираше пример дека може да се успее, иако во оваа индустрија претходно долго време бевме речиси невидливи. Сега, македонскиот филм е исправен пред глобални предизвици и сум благодарен на Владата што не ги изостави филмските работници во последниот пакет економски мерки. Се наоѓаме во услови на домашен скратен годишен буџет, но она за што ќе се залагам е македонскиот филм да го одржи квалитетот и да продолжи да ниже успеси – истакна Бојан Лазаревски, в.д. директор на Агенцијата за филм.

Бојан Лазаревски, в.д. директор на Агенцијата за филм

Во изминатите години најголем амбасадор на македонската култура беше филмот. Четири години по ред македонски филм е во официјална селекција на Санденс – најзначајниот фестивал за независен филм во САД, но и во светот. Во овој период, македонски филм беше присутен и во официјалната програма на Берлинале, а влезе во историјата и со двете номинации на „Медена земја“ за Оскар. Пандемијата, која е предизвик за целото човештво, годинава ја погоди филмската индустрија во сите витални органи: голем дел од филмските фестивали не се одржаа, киносалите се затворија, снимањата на филмовите се усложнија. Сепак, филм во македонска копродукција повторно ќе има на Санденс, како и во официјалната програма на фестивалот во Ротердам, а краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски има повеќе од 170 награди и е квалификуван за номинација за Оскар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот