Абдулах Сидран: Југославија ќе биде сè подобра и подобра зашто нашата реалност е сè полоша и полоша

Абдулах Сидран Фото: Јутјуб
Абдулах Сидран Фото: Јутјуб

Босанско-херцеговскиот поет, драмски писател, сценарист Абдулах Сидран за српскиот „Данас“ даде интервју во кое зборува за културниот и за животот воопшто во Сараево, Босна и Херцеговина и во некогашна Југославија, од времето на Олимписките игри во неговиот град во 1984 година, па досега.

Во интервјуто, Сидран меѓу другото одговори и на новинарското прашање за една од честите тема на неговите дела, југоносталгијата.

– Сметам дека Југославија не пропадна затоа што нејзините републики се осамостоија, туку дека тие се осамостоија затоа што Југославија пропадна. А проблемот со југоносталгијата е комплициран. Прво, има во него многу психологија зашто ние, всушност, не ни знаеме поради што сме носталгични. Дали тоа е поради тоа што бевме помлади и поубави или поради она што беше една илузија или реалност на слобода во секоја смисла. Во политичкиот јазик е јасно дека тоа беше социјална држава, минимумот на човековите права беше загарантиран, како образованието и здравството, а оваа сега во однос на тоа е фашизам, не е ни неолиберализам, ни ништо. Значи, во таа смисла Југославија беше и ќе биде се подобра и подобра, мртва кобила но од ден на ден се подобра и подобра – вели тој.

И поставувајќи го самиот прашањето „зошто“, Сидран продолжува со одговорот.

– Затоа што нашата реалност е се полоша и полоша. На тој начин е разбирливо и оправдано да се биде југоносталгичен, со тоа јас имам големо искуство, со тие шпионски кожни мантили за кои правев филмови и филмски сценариа, известував, лесно ги препознавав… Отидов јас така за 29. ноември во Јајце, а тамо два-три илјади луѓе и доколку ги наредиш пред мене, јас ќе одам од еден до друг и ќе кажувам „југоносталгичар“, „удбоносталгичар“… Толку тие се задржаа. Се во Југославија се распадна, службите останаа недопрени. И денес, во распаднатата држава, кога имаме, колку беше, нови, самостојни држави, тие служби подобро соработуваат отколку што соработуваа кога беа под еден државен покрив – заклучува Сидран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот