Илустрација / ТикТок автомобил - Фото: Pexels

Дали ни е потребен „Тикток-автомобил“? Кинезите веќе работат на него

Матичната компанија на социјалната мрежа Тикток се здружи со производителот „Серес“ за да го создаде својот прв паметен кросовер.

И покрај претходните јавни деманти и негирања на гласините, матичната компанија на социјалната мрежа „Тикток“ се подготвува да лансира сопствен автомобил на домашниот пазар во Кина. Станува збор за кросовер наменет за помладата публика, која е главно активна на социјалните мрежи, пишува „Њумобилити“.

Самиот автомобил ќе биде произведен од „Серес“, кинескиот автомобилски гигант кој стои и зад паметниот бренд „Аито“ на технолошката компанија „Хуавеи“.

Од деманти до реалност: Пристигнува „Тикток автомобилот“

Пред точно пет месеци, компанијата „БајтДанс“ излезе со официјално соопштение во кое тврдеше дека сите извештаи за нивните автомобилски планови се лажни. Сепак, според деталниот извештај на влијателниот кинески медиум, групацијата „Серес“ уште во текот на овој месец ќе лансира нов автомобилски бренд.

Правното лице зад новиот бренд е компанијата „Чонгкинг Сајдоу Технолоџи“, која до минатиот месец функционираше како подружница на „Серес“ под името“ Ландиан Технолоџи“. Иако официјалното име на брендот сè уште се чува во тајност, кинеските медиуми веќе го нарекуваат проектот „Тикток автомобил“.

Дигиталниот свет се сели на четири тркала

Првиот модел ќе биде кросовер со дизајнерски линии помеѓу СУВ и седан, а ќе се нуди во чисто електрична верзија, како и во верзија со продолжен домет. Негова главна целна група се младите возачи кои се исклучително заинтересирани за дигитална поврзаност, мултимедија и гаџети.

„БајтДенс“ ја игра клучната улога токму во развојот на овие дигитални карактеристики. Автомобилот ќе го користи нивниот софтвер „Волкејно Енџин“ за стартување на сите апликации. Оваа дигитална платформа нема да понуди само обичен гласовен асистент или музичка апликација, туку во возилото од темел ќе го интегрира нивниот голем модел за вештачка интелигенција — „Доубао“, заедно со комплетната архитектура на паметниот кокпит и базата на податоци. Стратегијата е да се понуди високо ниво на интелигенција, но по достапна цена, со оглед на тоа што младата публика на Тикток технолошки напредна, но не и премногу богата.

Автомобили – Фото: Pexels

Вештачка интелигенција како личен водич

Верзијата наменета за возачката кабина може да се справува со планирање на рути, помош при паркирање и разговори во реално време. Системот може да делува и како вистински туристички водич, да ја приспособува рутата на возачот за да му овозможи подобар поглед на пејзажите или знаменитостите, или пак да го најде најблиското слободно паркинг место до самиот влез на зградата каде што се упатил.

Најголемиот светски пазар на автомобили покажува дека токму ваквите карактеристики, а не перформансите на моторот, станаа главниот фактор за привлекување купувачи.

„Серес“ за хардверот, „БајтДенс“ за софтверот

Компанијата „Волкејно Енџин“ нема да ја дизајнира шасијата, батерискиот пакет или суспензијата на кросоверот. Сето тоа ќе го сработи „Серес“, кој ќе го произведува моделот во својата фабрика во Чонгкинг. Истовремено, клучна разлика е што „БајтДенс“ нема амбиции за развивање на технологија за самостојно возење.

Ова е сосема поинаков пристап од другиот технолошки партнер на „Серес“ — „Хуавеи“, кој развива сопствен паметен систем за самостојно возење кој на техничко ниво се натпреварува со светските лидери во таа област. Токму соработката меѓу „Серес“ и „Хуавеи“ за брендот „Аито“ се покажа како огромен успех, достигнувајќи пресвртница од еден милион произведени возила за само три години.

Автомобилите на „Серес“ веќе се дистрибуираат во Европа преку локално избрани застапници. Брендот веќе подготвува меѓународен маркетинг и продажен канал за овој нов проект, кој се наоѓа под нивниот сектор за глобално работење. Доколку името на Тикток на кој било начин остане официјално поврзан со возилото, тоа ќе биде огромна можност за искористување на планетарната популарност на оваа социјална мрежа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот