40-ГОДИШНО ТВОРЕШТВО: Прониклива и хибридна книжевна форма

Издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје ја објави книгата „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ од Александар Прокопиев, прозаист и есеист со постмодернистички израз.

Книгата „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ од Александар Прокопиев претставува заокружување на 40-годишното творештво на оваа исклучително интересна, прониклива и хибридна книжевна форма по која авторот е препознатлив. Збирното издание содржи кратки прози, поезија и есеи. Книгата е објавена е со поддршка на Министерството за култура на РСМ.

За книгата на Прокопиев, рецензентот Ацо Пероски истакнува:

– Како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатства за лична употреба“ на Александар Прокопиев тешко може да се опише накратко, но затоа е многу лесно „на долго и на широко“ да се препорачува како врвен деликатес за секој читател, а особено за онаа сè почеста категорија читатели што се љубопитни за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите и на оние кои трагаат по дела што ќе ги надминат нивните очекувања. За таквиот љубопитен читател, „Антиупатствата“ на Прокопиев се неизбежно четиво.

Ако, сепак, се зафатиме со обид некако да ја опишеме оваа разнолика, повеќеслојна и комплексна книга, веројатно би требало да тргнеме од фактот дека „Антиупатства за лична употреба“, всушност, се книжевен проект кој излегува од вообичаените рамки на книжевно дело што се објавува во едно издание. „Антиупатствата“ се книга која со својот вкус го буди читателот во секој од нас, книга родена од вечно младешката заљубеност во книгите, книга поради која човек посакува да стане писател затоа што сфаќа дека, за да се биде писател, неопходно е да се биде читател, заклучува Пероски.

Авторот Александар Прокопиев (1953, Скопје) e прозаист и есеист. Доктор е по книжевни науки. Предава на постдипломските Културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје. Прокопиев се смета за основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература.

Автор е на дваесетина прозни книги. Во 2012 година ја доби престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“ за збирката раскази „Човечулец“. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски, арапски, албански, словенечки, хрватски и други јазици.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 22, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот