Анкета на „Транспаренси“: Изборот на „ИРД инженеринг“ за консултант и надзор за автопатиштата, најматен настан во март

Бехтел и Енка / Фото МИА

„ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ е најматниот настан во март, покажува анкетата на „Транспаренси Интернешенел-Македонија“ во рамките на проектот „Бистро-Матно“.

Меѓу четирите најматни настани се најдоа и „Судир на интереси на Агенцијата за филм при распределба на средствата за ланскиот конкурс“, „Застарување на судски предмети“ и „Тројцата ексдиректори од случајот ‘Маѓар телеком‘ осудени во отсуство на по 8 години затвор“.

Наспроти овие матни настани, во март се издвоени и два бистри настана и тоа: „Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатиштата на ’Бехтел и Енка‘“ и „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“.

За првиот матен настан „ИРД инженеринг ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради Бехтел и Енка“ во соопштението се наведува дека неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа.

– Меѓународниот конзорциум „ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Понудата на „ИРД инженеринг“ е во износ од 1.374.304 070 денари (22,35 милиони евра). Неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа – велат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

Во однос на вториот матен настан се наведува дека поради необјективното и пристрасно работење на Агенцијата за филм во ланскиот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови, „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки.

Во врска со третиот настан „Застарување на судски предмети“ се посочува укинувањето на пресудата против Драган Даравелски од страна на Кривичниот суд поради настапување на апсолутна застареност.

– Даравелски, баран со потерница 20-тина години, се појави на граница во јануари, кога беше уапсен. Но, веќе се знаеше дека кривичното дело му е застарено. Тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Сега нема да мора да ги врати ни парите – велат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

Како втор случај се посочува застарувањето на судскиот предмет за Сашо Мијалков. Овие предмети, според „Транспаренси“ не успеаја да добијат правна разрешница, преку извршување на санкцијата и правосилно завршување на постапката.

И последниот, односно четвртиот матен настан е поврзан со тројцата ексдиректори од случајот „Маѓар телеком“ осудени во отсуство на по осум години затвор.

– По осум години затвор во Основниот кривичен суд, во отсуство, добија тројцата поранешни директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус. Случајот „Маѓар Телеком“ во македонските правосудни органи трае уште од 2011 година. Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу два милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите. Случајот после 12 години неактивност на судот, се пресуди со првостепена судска одлука, без да се води постапката за актерите од РС Македонија – соопштија од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

За бистри настани во април се издвоени два и тоа: „Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатиштата на ’Бехтел и Енка‘“ и „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“.

Во однос на првиот настан Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата кои се дел од коридорите 8 и 10-д.

– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, посочуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

Вториот позитивен или бистар настан е „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“. Од МВР соопштија дека двајца скопјани добија кривична пријава откако се обиделе да поткупат службеничка од Општина Кавадарци со 500 евра со цел да не изврши службено дејствие кое морала да го изврши – надзор врз градежни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот