Зошто Никола Тесла умрел во сиромаштија и во долгови?

profimedia

Роден во Хрватска во 1856 година, Тесла уште од најрана возраст покажувал неверојатни интелектуални способности – помнел огромни книги и логаритамски таблици, можел долго да остане буден и со леснотија учел нови јазици. Сето тоа укажувало дека во главата има „златен рудник“, што довело до тоа да создаде многу изуми без кои не би можеле да си го замислиме животот денес. Но, работите во животот не се одвиваат според одредени правила, па така Тесла починал во голема сиромаштија, без скршена пара.

Тој дошол во САД во 1884 г. со само четири центи во џебот. Иако немал многу пари, било очигледно дека има потенцијал. Со него носел писмо со препорака адресирано до Томас Едисон, во кое наводно пишувало „Драг мој Едисон, познавам двајца големи луѓе, ти си едниот, а другиот е ова момче.“

Подоцна во едно интервју Тесла изјавил дека Едисон му ветил исплата од 50.000 долари ако успее да направи подобар изум од постоечките генератори за наизменична струја. Тој со одушевување ја прифатил понудата со зборовите „Предизвикот е прифатен“. Сепак, кога успеал, Едисон рекол дека тоа било само шега, а Тесла дал отказ од кај него и повторно останал без пари.

profimedia

Повеќе го слушал срцето отколку разумот

Импресиониран од дизајнот на системот за напојување со наизменична струја на Тесла, ривалот на Едисон, Џорџ Вестингхаус ги лиценцирал патентите за таа моќна технологија за 60 000 долари. Но, кога скапата правна битка со Едисон почнала да му навестува банкрот, Тесла несебично се согласил дека нема да го наплати тоа што му било ветено.

Уште еден непроценлив изум му бил украден од Тесла, калемот кој можел да произведува висок напон и да праќа радиосигнали. Тоа го направил Гилјермо Маркони, тврдејќи дека тој го измислил радиото.

Тесла сакал преку џиновски кули бесплатно да дистрибуира електрична енергија низ целиот свет, но кога ја изгубил наклонетоста од големите инвеститори паднал во депресија, доживеал нервен слом и неговиот живот се распаднал.

„Јас сум, сепак, поразен човек. Не остварив онолку колку што можев. Сакав да ја осветлам целата Земја. Во неа има доволно електрицитет да стане ново Сонце. Светлината би сјаела околу екваторот, како прстенот околу Сатурн. Но, човечкиот род уште не е созреан за големо и добро. Во Колорадо Спрингс ја напоив Земјата со електрицитет. Животот има бесконечно многу форми, а должност на научниците е да ги пронаоѓаат во секој облик на материјата. Три работи се важни за тоа и јас постојано трагам по нив. Знам дека нема да ги најдам, но никогаш нема да се откажам.“

Ова се зборовите кои Тесла ги кажал во интервју за списанието „Бесмртност“ во 1899 година, кое наводно било скриено цели 120 години. Неговото компулсивно однесување, кое го следело цел живот, почнало целосно да преовладува со неговото однесување.

Опседнатоста со бројот три почнала да се јавува во огромни размери – пред да почне да вечера тој диплел по 18 салфети зашто тој број бил делив со три. Кога отседнувал во хотел барал бројот на неговата соба да биде делив со три и секое утро требало да му бидат донесени 18 крпи. Според некои податоци, тој прецизно ја одредувал масата на храната и ги пресметувал движењата кои требало да ги направи со вилушката пред да ја стави во устата. Имал фобија од тркалезни објекти и затоа не можел долго да биде во друштво на жени со обетки.

Тој проблем очигледно бил наследен генетски, татко му и брат му покажувале симптоми на шизофренија и пореметување на личноста. Татко му бил познат по жестоките расправии со самиот себе, а брат му пател од чести и тешки халуцинации. И Тесла наводно пател од халуцинации, но во неговиот случај тие биле до некаде причина за неговиот успех како научник, со оглед на инспирацијата што ја добивал во тек на тие искуства. Така идејата за наизменичниот мотор ја добил како последица на халуцинација од светло и пламен. Во една таква епизода Никола Тесла почнал да разговара со гулаби, а за еден од нив тврдел дека е во состојба да сака како човек.

-Човек мора да биде сентиментален со птиците. Тоа е поради нивните крилја, и тој некогаш ги имал, вистински и видливи.

Тој гулаб му умрел на раце, а Тесла умрел во долгови работејќи на проектот „Зраци на смртта“ за Советскиот сојуз.

Умрел сам, во сиромаштија и изолиран од светот, што е навистина тажен крај за можеби најголемиот иноватор на модерното време, кој на најтешкиот можен начин научил дека не е доволно само да имаш идеја, туку мора да бидеш поврзан со вистинските луѓе и прифатен во општеството.

profimedia

Никола Тесла никогаш не се оженил, ниту некогаш официјално имал девојка, но и покрај сето тоа, жените лудувале по него. Зошто било тоа така, му открил на неговиот пријател, српскиот поет Лаза Костиќ.

Имено, тие двајца редовно се допишувале, а Костиќ во едно писмо му предложил да се ожени со Ленка Дунџерска, една од најубавите и најобразувани девојки во тоа време. Таа имала 25 години и била наследничка на едно од најбогатите семејства во Србија, а Тесла како одговор му нашишал: „Бракот не ме интересира, јас одамна се венчав со науката. Има два начина, со многу секс или без секс. Опкружувањето служи за обновување на човечкиот род. Премногу секс кај некои луѓе ги засилува виталноста и духот, а кај други тоа се случува при апстиненција. Јас го избрав вториот.“

Сепак, тој верувал дека во иднина борбата за рамноправност жените ќе ги доведе до тоа еден ден да бидат на исто општествено скалило како мажите, како нивна природна положба во општеството, која им била ускратувана со развојот на цивилизацијата.

„Таа борба на жените за полова еднаквост на крај ќе доведе до нов родов поредок и жените ќе бидат посупериорни од мажите. Рамноправноста нема да доведе до тоа жените да ги имитираат мажите, туку до будење на нивниот интелект.“

Profimedia

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот