Зошто луѓето живеат толку долго? Нова студија открива дека мајчинската грижа е главен фактор за тоа

Фото: Pexels / Creation Hill

Навистина е мистериозно што живееме долг живот во споредба со многу други цицачи. Но, новата студија открива дека дел од објаснувањето за нашиот долг животен век е еден од основните аспекти од нашиот живот – односот помеѓу мајката и нејзиното дете, пишува „Фис.орг“.

Истражувачите во нивните модели постојано откриваа дека видовите кај кои опстанокот на потомството зависи од долгорочното присуство на мајката има тенденција да развива подолг живот и побавен ритам на живот, што ја карактеризира должината на животот на животното и фреквенцијата на нејзината репродукција.

„Кога ќе се зајакнат овие врски помеѓу преживувањето на мајката и добрата состојба на потомството – животните еволуираат за да живеат подолго и поретко да се размножуваат, а истата шема ја гледаме и кај луѓето. Овој модел генерално важи за сите цицачи, бидејќи знаеме дека овие врски постојат и кај други видови, покрај приматите, како што се хиените, китовите и слоновите“, велат истражувачите.

Универзален математички модел ја демонстрира врската помеѓу преживувањето на мајката и здравјето на потомството, од една страна, и темпото на живот, од друга страна. Два дополнителни емпириски модели вклучуваат податоци за преживувањето на мајките и здравјето на потомството собрани од еколозите на терен.

Моделите треба дополнително да се тестираат и да ги користат еколозите за да предвидат како грижата и преживувањето на мајката влијаат на еволуцијата на животниот век на еден вид.

Истражувањето се потпира на хипотезата на мајката и бабата дека потомството има поголеми шанси за преживување доколку нивните мајки и баби се подолго присутни во нивните животи. Оваа теорија првенствено се користела како објаснување за менопаузата бидејќи прекинот на репродукцијата го намалува ризикот од смрт и им овозможува на постарите жени да се посветат на грижата за внуците.

Новите модели се и пошироки и поспецифични, опфаќајќи повеќе начини на кои присуството или отсуството на мајката во животот на нејзиното потомство влијае на нивната благосостојба. Истражувачите предвидуваат, врз основа на истражувањето со павијаните и другите примати, како потомството ќе помине во животот ако мајката умре по прекинот на доењето, но пред потомството да достигне сексуална зрелост – тоа води до краткорочни и долгорочни, дури и меѓугенерациски, негативни ефекти врз децата и внуците на приматите.

Се дискутираат пошироки и можеби посуптилни начини на кои придобивките од присуството на мајката во животот на поединецот може да доведат до еволуција на долг живот.

„Кога ја гледате интеракцијата на мајките и децата кај другите примати, можете да видите во лицата на децата дека нема ништо поважно на светот од присуството на мајката. Истражувањето на однесувањето во комбинација со демографските студии ја потврдува оваа заедничка еволутивна нишка што ја споделуваме со нашите најблиски роднини примати – дека постои период во нашите животи кога мајката е целиот свет, и иако тоа ја губи силата со текот на времето – никогаш не исчезнува“,рекол Метју Зипл, невробиолог од Универзитетот Корнел и еден од истражувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот