„Знам дека со брат ми Дади сега горе играат бриџ“: Коле Ангеловски ги расплака сите во Драмски на комеморацијата за Димче Мешковски

Комеморација за Димче Мешковски/Фото: Приватна архива

Солзи и смеа се измешаа на комеморацијата за Димче Мешковски во Драмскиот театар, каде што со љубов изигра многу претстави до неговото пензионирање.

Фото: Приватна архива

Славниот актер почина во Лос Анџелес на 21 март, каде што последниве години живееше со сопругата Марица, за да биде во близина на ќерката Јасна и внуката Леона. На видеобим одеа фотографии и видеа од неговите најпознати улоги: Секула од „Солунски патрдии“, Тасе од култниот филм „Викенд на мртовци“, Маца Мешковска од „Женски оркестар“, Февијан од „Болва во уво“.

Мешко мамеше насмевки во текот на целиот свој живот, а тоа го направи и по неговото заминување. Гледајќи го како Тасе со Бата Живојиновиќ, Сека Саблиќ, Ташко Начиќ, Игор Џамбазов со една од најпознатите сцени од „Викенд на мртовци“, додека ја изговара култната реченица: „Знам, ми кажа директорот“, многумина во Драмски се насмевнаа, бришејќи ги солзите.

Фото: Приватна архива

Трајанка Илиева Вељиќ ги прочита телеграмите од колегите од повеќето театари во Македонија, како и од Претседателот Стево Пендаровски, и богатата биографија на единствениот Мешко.

„Мешко и брат ми Дади ме примија во Драмски театар, бев примен поради некоја братовска врска“, рече режисерот Коле Ангеловски, другар на Мешко цели 40 години.

„Заедно работевме претстави, кабареа, ТВсерии, фимови, не знам како постигнувавме. И така 40 години. Повеќе бев во Мешко отколку со моето семејство. Мешко беше песнопоец, еднаш во Полска по грешка запеа руска песна, па потоа кога сфативме колку Полјаците не ги сакаат Русите, повеќе не ни се повтори. Во „Баш челик“ излезе да игра гол до појас. Глумеше дека на екс пие бирлак од 5 литри вино, кој специјално ни го дуваа во стаклара, а ни го наполнија со „Кока-кола“. Мешко само по убаво и со смеа ќе го паметам. Се надевам дека сега горе со брат ми Дади и со Мичо Егеецот играта бриџ“, рече Коле Ангеловски.

Фото: Приватна архива

Актерот Драган Спасов-Дац го нарече Мешко втор татко.

„Се слушнавнме девет дена пред да си заминеш. Можевме да зборуваме со часови, ти го раскажував она што не можеше да го најдеш на интернет, а беше информиран за сѐ. Беше вљубен во својата Марица како првиот ден и велеше: ‘Ако ме остави Марица, јас ќе умрам’. Ги имаше сите болести на овој свет, а беше поздрав од сите. Еднаш те прашав: ‘Мешко, ти од што не си болен?’ Ме погледна. Пиевме пиво, го пиеше со крајот на усните“, раскажа актерот Дац за својот Мешко.

Фото: Приватна архива

Присутните се расплакаа кога директорката на Драмски, Маја Вељковиќ Пановска прочита писмо од неговите ќерки, Јасна и Наташа Мешковски.

„Израснавме во театарот со тебе. Јасна се шминкаше во гримиорните, и изигруваше суфлер, а Наташа се пикаше кај светло мајсторот. Беше привилегија да се расте покрај татко каков што беше ти. Нѐ воспита со космополитски дух, да ја сакаме својата земја и својот народ, и сите луѓе на светот“, е дел од писмото на ќерките на Мешко.

Познатата македонска пливачка Наташа Мешковска беше присутна на комеморацијата, а ќерката Јасна и сопругата Марица останале во Лос Анџелес, каде што Мешко тивко си заминал, во сон, како што раскажаа ќерките.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот