Злосторство и казна

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Денес, во овој политички миг, имаме шанса за вистинска емпатија и солидарност, велам, ама се повторувам – имаме шанса! Се обидуваме да се однесуваме европски и таа шанса ја користиме – да бидеме во мир со сите. Дома со Албанците, а надвор со соседите.

Го читам вресокот од пресудите на бившите функционери на ВМРО-ДПМНЕ; врескањето е од „премногу“, па до „премалку“ години робија. Помеѓу овие две дихотомии нашата јавност (а со тоа и народ) се дели. Но, има нешто што го зачеша мојот нос, драг, господине, Вотсон!

Уште во Југославија, нашите таканаречени народи и народности беа карактеристични по својата срдечност, непосредност, традиционална гостољубивост и останати трици и шлајшупки, инсистирајќи дека тоа е врвна вредност. Го знаете тој стереотип: ете, можеби ние сме бахати, неорганизирани и (последично) сиромашни, ама, брате мили, имаме душа, знаеме да живееме. Ние, велеа, имаме душа јужнословенска.

Вака и денес ќе ти каже секој еден балкански пробисвет, пред да те тресне по рамето. И тоа уште при првата средба. Членовите на фамилиите, пак, овде се разбираат како единки на еден многуклеточен организам, како корени од разни „митревци“ и „аврамовци“. Што значи мора да се држиме по секоја цена, тоа е мотото на секоја фамилија на Балканите. Оттука, пак, доаѓа и мноштво од бељи, а главното упориште лежи во национализмот. Оти, знаете, кога нешто е „по секоја цена“, на крајот таа цена знае да биде астрономски страшно голема. Берѓаев убаво напиша: секоја заедница која не се обединува во Христос, се обединува во антихрист.

Ги прочитав изјавите на „навредените“ функционери на бившиот режим на Груевски и, како да ви речам, сѐ уште не разбираат што им се случи. Тие мислат дека некој со нив се пресметува, типично за нивната памет, ама вистината е сосема поинаква. Тоа нивно злосторство, таа нивна криминална памет беше диригирана „одозгора“, директно од Груевски, ама сепак, злосторството во одреден временски период беше масовно прифатено. Да не заборавиме дека Груевски еднo време го поддржуваа речиси 500 илјади луѓе во оваа земја. Сите наштелувани идеолошки во „Козарачко коло“, на крајот, сосема предвидливо, нѐ доведоа до крв, тепање и за малку смрт. Во двата случаи, во име на „татковскиот народ“, или на мајчиниот син, сосема сеедно. Затоа што вината никогаш не може да биде колективна, туку поединечна.

Од истата емоција, од истиот идеолошки набој, не само што се раѓаше братството и единството, од истиот набој се создаваше и братоубиствената војна во деведесеттите. На крајот ништо така нема да не поврзе како меѓусебното колење. Дури, спремен сум да одам потаму: тие мислат дека нас треба да не помират затоа што ние премалку се познаваме, а вистината е сосема поинаква: ние предобро се познаваме. Затоа што меѓу луѓето и тоа може да биде добра причина за нови конфликти.

Но, сепак, причината за нашите конфликти лежи на друго место. Овој наш свет е испразнет, во голема мера, од секоја културна, духовна или интелектуална содржина, па со нешто треба да се пополни. Вмровците се тоа што се само поради една работа: затоа што ги мразат сдсмовците, што значи не се сдсмовци. Дури, мислам и тоа: во ВМРО-ДПМНЕ се антимакедонци. Ако наеднаш исчезнат луѓето кои се дел од СДСМ, тие во ВМРО не би знаеле што се. Или можеби тогаш ќе станат Македонци. Кога не би биле така жолчно бесни и фрустрирани, нашите конфликти ќе престанат, па можеби за родителството, потомците и семејствата ќе зборуваме на еден поинаков, многу посериозен начин.

Овде секоја човечка дистанца се смета за некаква настраност или за неморалност. Им се потсмеваат на Швеѓаните, оти Швеѓаните, кобајаги, биле ладни луѓе, не биле во можност да ги искажат своите емоции, браковите им биле како во Бергмановите филмови. Општо речено, кога за некој човек се вели дека е „ладен тип“, за таквиот се смета дека е настран, неприроден; oд друга страна, можеби Швеѓаните се ладни, суви, на дистанца, ама ние дефинитивно не сме врели и срдечни. Ние сме млаки како млаки јулски пива, а тоа се гледа многу добро кога се работи за општествената солидарност или, да речеме, кога се работи за комунални проблеми: водовод, асфалт, канализација…

Ладните Швеѓани се грижат старците да не им умираат по улици, да не го мирисаат отпадот,  почвата да не ја трујат, гомната да не им пливаат надвор од канализациите и луѓето да не страдаат затоа што се опкружени со други луѓе.

Пресудите, пак, за бившите злосторници од груевизмот не е работа на напредок, како што не е напредок ова што го наброив, не е ниту модернизација или богатство, туку свест за заеднички интерес и, на крајот, вистинска емпатија за другите луѓе, нешта кои, без причина, си ги припишуваме себеси и на својот свет, а не, ете, на ладните Швеѓани.

Груевизмот беше систем во кој убиствата беа можни, со редовна фреквенција, со неоткриени убијци и судии од сенка кои изрекуваа само една пресуда. Овие луѓе мора да се најдат на едно место, а тоа е затвор. Не се боревме за да бидеме повторно мртви кои без отпор ќе примаме сѐ што ни се случува. Нивната приказна не е нивна, туку тоа е приказна за нас, за тој еден човек и за тоа што тие го произведоа. А произведоа монструм.

Денес, пак, во овој политички миг, имаме шанса за вистинска емпатија и солидарност, велам, ама се повторувам – имаме шанса! Се обидуваме да се однесуваме европски и таа шанса ја користиме – да бидеме во мир со сите. Дома со Албанците, а надвор со соседите. За нас во денешниот контекст сите народи се можни, способни сме да разговараме со сите, можеме да зборуваме за култура, јазик, економска соработка… Се однесуваме како ладните Швеѓани, а сепак сме само Македонци на Балканот.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

 

Видео на денот