Зимските служби на терен, се фрла сол и се чистат критичните точки во Скопје

Фото: Град Скопје

Во Скопје веќе неколку часа паѓа снег, па од попладнево општинските служби работат на терен, фрлаат снег и расчистуваат улици за да се спречи појавата на голомразица. До овој момент нема информации за отежнато одвивање на сообраќајот или за други проблеми предизвикани од снегот.

Од Град Скопје велат дека досега се исчистени булеварите „Словенија“, „Никола Карев“, „Босна и Херцеговина“, улиците „Радишанска“, „Павел Шатев“, улиците низ општина Шуто Оризари и низ населба Драчево, патот кон Детската клиника во Козле, патот од Горно Нерези кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, мостовите „Маџари” и „Бардовци”, клучката кај хотел „Континентал”, последна автобуска станица на бр. 24 во Сопиште и населбата Даме Груев кон Новоселски Пат.

Општина Ѓорче Петров во координација со Град Скопје, веќе имаат направено план според кој ќе водат грижа за улиците под нивна надлежност, а од Општината ќе патролираат на критичните точки каде имало проблеми и во минатите години.

– Повеќе екипи ќе патролираат и во текот на ноќта, со оглед на фактот дека се очекува снежните наноси да продолжат и температурите да бидат под нулата. Внимаваме сите патишта да бидат проодни и безбедни за сите граѓани. Апелирам и до возачите, да внимаваат и да ја прилагодат брзина согласно условите на патот – вели градоначалникот Александар Стојкоски, кој упати и апел до жителите на Ѓорче Петров, да го чистат снегот пред влезовите на своите домови, деловни објекти, влезови на згради.

Фото: Град Скопје

Во Општина Гази Баба екипите за зимско оддржување, исто така, работат на расчистување на снегот.

– Патот што води од Стајковци, Црешево, Булачани кон Раштак е исчистен со фрлена сол и ризла во два наврати. Граѓаните можат слободно и навремено да ги реализираат своите обврски – информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

За справување со снежното невреме во Општина Кисела Вода, покрај специјализираните возила, на располагање се ставени и сите службени возила и целокупниот човечки потенцијал. Ова меѓу другото е одлучено на денешниот координативен состанок на општинскиот кризен штаб за заштита и спасување од природни непогоди на Кисела Вода. На состанокот се дефинирани критичните точки во општината и направен е план за мобилизација на дежурни тимови, кои навремено ќе реагираат и во текот на ноќта и во деновите кои следат, сѐ до стабилизација на временската состојба. На располагање ќе бидат неколку камиони специјализирани за чистење на снежните наноси, како и неколку општински трактори со кои ќе се чисти снегот на тесните улици, патеки и тротоари.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека доколку граѓаните имаат некаква итна потреба и заради временските услови се спречени да ја остварат, можат да се јават на телефонскиот број 075/309-548, да пишат на [email protected] или на фејсбук страницата на Општина Кисела Вода.

Состанок на Кризниот штаб се одржа и во Општина Аеродром, од каде велат дека на располагање се ставени возила за чистење снег на улиците, тротоарите и други јавни површини, а за таа цел се набавени и околу 200 тони сол. Штабот ќе се грижи за реализација на донесениот план чија цел е да обезбеди олеснет пристап и движење на граѓаните во зимски услови.

И зимската служба на Општина Центар попладнево е на терен и ги расчистува коловозите од снег.

– Со специјални возила за расчистување на мразот беше расфрлан сол на критичните точки, особено во подножјето на планината Водно. Граѓаните кои ќе имаат проблем со снежни наноси или мраз ќе може да го пријават проблемот на бројот 076381673. Апелирам на зголемена внимателност од страна на граѓаните пешаци и возачите, со цел избегнување на несакани последици на коловозите – вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Фото: Општина Центар

Службите на Општина Бутел во моментов ги расчистуваат наносите од снег на критичните точки во општината, село Љубанци и село Љуботен, како и трите влеза во населбата Радишани.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ денеска упатија апел до граѓаните да не ги паркираат своите возила под дрвјата со цел да се избегнат несакани последици од нивно паѓање поради снежни наноси и замолија доколку забележат паднато дрво да се обратат до Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 195 или на телефонскиот број објавен на нивната веб страна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот