Животната приказна на Џејн Остин: Романтична и остра критичарка на општеството која не го следеше традиционалниот пат на жената
„Гордост и предрасуди“, „Разум и чувства“, „Ема“, „Под туѓо влијание“ и „Мансфилд парк“ се меѓу најпознатите романи на англиската писателка Џејн Ости, која е почината на денешен ден во . Нејзините безвременски приказни биле адаптирани во бројни филмови, телевизиски серии и модерни интерпретации, и преведени на многу јазици. Ова е извонредно наследство, особено ако се земе предвид дека првично нејзините дела биле објавувани анонимно, во време кога жените биле сметани за неспособни за творештво во машки доминирано општество, пишува „Она“.
Препорачано
Нејзините женски ликови инспирирале генерации жени ширум светот да ги рушат традиционалните калапи, да останат верни на себе и да се залагаат за своите уверувања. Таа била далеку пред своето време, а со мрачна духовитост и суптилен хумор ги критикувала нормите и верувањата на своето општество.
Љубовта кон читањето
Џејн Остин е родена на 16 декември 1775 година во Стивентон, Хемпшир, и пораснала во големо семејство – седма од осум деца, со шест браќа и една сестра. Најблиска била со брат ѝ Хенри, кој подоцна станал нејзин биограф. Со сестра ѝ Касандра, родена во 1773, била неразделна пријателка и животна сопатничка. Преку писмата кои Џејн ѝ ги праќала на Касандра, биографите успеале да состават слика за нејзиниот живот.
Кога имала седум години, таа и Касандра биле испратени на училиште во Оксфорд, но по кратко време заболеле од тифус и се вратиле дома. Подоцна посетувале и „Опатиско училиште“ во Ридинг, но биле повлечени поради недостиг на средства. Иако формалното образование било скратено, девојчињата продолжиле да се образуваат дома, со помош на браќата и таткото.
И покрај тоа, Џејн имала неограничен пристап до богата библиотека, каде што се развила нејзината љубов кон читањето – љубов која ќе го одбележи целиот нејзин живот.
Семејството Остин било писмено, духовито и креативно – уживале во драмски игри, пишување и семејна забава. Џејн, уште како тинејџерка, започнала да пишува кратки раскази, пародии и фрагменти за да ги забавува најблиските. Дел од овие ракописи денес се чуваат во три тетратки насловени Прв том, Втор том и Трет том – напишани во духот на тогашните романи. Се чуваат во Британската библиотека и Бодлејската библиотека во Оксфорд.
Овие рани дела биле полни со хумор и сатира – девојки што се однесуваат невоспитано, пијат, крадат пари и бегаат со туѓи вереници. Иако на прв поглед далечни од зрелите и мирни романи што ќе ги напише подоцна, токму тука може да се види зачетокот на нејзиниот стил.
Нејзините дела – нејзини деца
Додека живеела во Стивентон, ги напишала првите верзии на „Елинор и Маријана“, „Прв впечаток“ и „Сузан“ – кои подоцна ќе бидат објавени како „Разум и чувства“, „Гордост и предрасуди“ и „Нортенгерската опатија“. По преселбата во Бат, таа го напишала само недовршениот роман „Вотсонови“.
Многумина веруваат дека градскиот живот и загубата на руралното детство ја лишиле од инспирација. Но „Вотсонови“, иако недовршено, е едно од нејзините најзначајни експериментални дела со темни социјални тонови.
Во едно писмо до сестра ѝ, Остин ја нарекла „Гордост и предрасуди“ своето „драго дете“. Тоа не било случајно – секој роман го носела како бременост, со месеци и години напор. Првично го започнала во 1796 година, но романот бил објавен дури во 1813 година. Првиот издавач дури и го одбил ракописот.
Остин никогаш не се омажила, и можно е токму тоа да ѝ овозможило да создаде вакви дела. Иако нема најава во писмата дека жалела што нема деца, нејзините бројни внуци и внуки ја опишувале како грижлива и сакана тетка.
Доаѓа и признанието
Во 1816 година, на 41-годишна возраст, Остин се разболела од тоа што денес се смета за Адисонова болест – ретко нарушување на надбубрежните жлезди. И покрај слабоста, почнала да работи на нов роман, „Браќата“, кој по нејзината смрт ќе биде објавен како „Сандитон“.
Во април 1817 ја составила својата тестаментална волја и ја именувала Касандра за единствена наследничка. Починала на 18 јули 1817 година во Винчестер, каде што се преселила за да добие медицинска нега.
Романите „Под туѓо влијание“ и „Нортенгерската опатија“ биле објавени во декември истата година, заедно со биографска белешка од нејзиниот брат Хенри, кој конечно ја идентификувал Џејн како авторка на четирите веќе објавени романи.
Нејзината слава започнала да расте со биографијата што ја напишал нејзиниот внук Џејмс Едвард Остин-Ли во 1870 година, а почетокот на 20 век донел повторни изданија на нејзините дела. Сепак, дури во 1940-тите критичарите и научниците почнале да ја признаваат Џејн Остин како врвна авторка.
Интересно е што на нејзиниот надгробен споменик во катедралата во Винчестер не е наведено дека била писателка. Семејството не сметало дека тоа вреди да се запише. Дури во 1872 година, била поставена месингова плоча во нејзина чест, купена од приходите на нејзината биографија.
Таа биографија, насловена „Сеќавања на Џејн Остин“, ја запечатила нејзината репутација како хроничар на Џорџијанската епоха, а денес нејзиното име стои во редот на најголемите имиња во светската книжевност.


