Животната приказна на Алекс Ристовски, трансродов маж од Скопје: Не се гласни тие од Парадата на гордоста, туку сите останати кои дофрлаат секакви коментари

Во пресрет на „Парадата на гордоста“, направивме разговор со трансродовиот маж и бисексуалец Алекс Ристовски. Според него, не се гласни тие од парадата, туку гласни се сите останати кои дофрлаат секакви коментари кон овие луѓе.

Алекс Ристовски е роден на 29 октомври 1988 година. Тогаш му е доделено името Елена Ристовска. Израснал со родителите и четири години постариот брат чија облека постојано му ја „крадел“. Моментално живее сам, неговиот брат е во Германија, татко му кој е во Скопје и знае за неговата транзиција, сè уште му се обраќа со Ели, а мајката починала пред Алекс да го пронајде својот вистински родов идентитет, за што тој многу жали, му недостасува со неа да си направи муабет за секоја тема, па и за таа. Израснат е со семејството во Маџари, кое, како и други во Македонија, едвај врзувале крај со крај.

Фото: Приватна архива

И покрај „нетипичното“ однесување за девојче, како што вели Алекс, неговите родители во тој период не биле доволно информирани за да го однесат на педијатар или на психолог, и продолжува:

– Како дете сакав да бидам кошаркар и си визуелизирав како играм во НБА. Подоцна сфатив дека јас сум се градел преку тие ликови на кои се угледував. Прво тоа беше Еминем, па како растев ликовите со кои се идентификував се менуваа, но тоа никогаш не беше женски лик.

Неговата мајка правела обиди да го натера Алекс да ја промени облеката и да „заличи“ на женско, но по извесен период, го однела на Бит Пазар и му купила токму онакви пантолони какви што претходно му укажувала дека не треба да носи. Иако, тој не бил премногу поврзан со својата мајка, сепак справувањето со нејзината смрт, за Алекс било многу тешко:

– Почина од тумор на мозок, а нејзините последни 10 месеци беа најтешки, секој ден гледавме како станува полошо секој ден, испушти душа пред мои очи. Туморот го имаше зафатено центарот за говор, таа долго време не можеше да комуницира со нас. Кога се појавија првите симптоми, јас се „извадив од памет“. Мајка ми зборуваше нешто, а јас не можев да ја разберам, бидејќи тоа беа неповрзани работи. Се нервираше кога сакаше да ни каже дека сака вода, а не знаеше како да ни објасни. Еден период, мислам дека и бевме толку многу напорни, бидејќи постојано ја прашувавме дали нешто сака, што е тоа, па набројувавме работи за јадење и пиење и слично, раскажува Алекс за, можеби, најтешкиот период од неговиот живот.

Тој вели дека, два месеци пред да се појават симптомите на болеста кај мајка му, најмногу се зближил со неа. И еве како „оди“ таа приказна. Алекс, во својот живот, бил два пати сексуално злоставуван. За првиот пат, веднаш откриле, бидејќи се случило на негови 7, 8 години, од страна на некој студент кој престојувал во студентскиот дом во Маџари. За другарката на Алекс, тоа не било „ништо страшно“, но за него било страшно па му кажал на својот брат, бидејќи тој и злоставувачот играле кошарка заедно. Братот на Алекс веднаш кажал на родителите, тие го пријавиле во полиција и одговарал со казна затвор за стореното.

За вториот пат никој не знаел, до моментот кога самиот одлучил да ја открие оваа болна траума пред својата мајка, и како што забележува, тоа им помогнало да станат многу блиски:

– Вториот пат, кога бев второ-трето одделение, не знам дали не сакав да кажам или навистина немам јасни сеќавања. Тоа беше возрасен човек, технички мој дедо, маж на сестра на мојата баба (иако немавме крвно сродство) и злоставувањето се случуваше 2, 3 пати годишно, секојпат кога ќе отидевме на гости таму. Ми велеше: „дојди дедо да ти ги покаже кокошките…“ и таму ме злоставуваше. Се сеќавам дека прв пат успеав да кажам НЕ кога бев четврто одделение и потоа постојано бегав од него, ако случајно го сретнев.

Фото: Приватна архива

Кога го запрашав, зошто толку долго молчел за ова злоставување, Алекс ми рече дека најверојатно тоа се должи на неговата возраст, се чувствувал како збунето дете и не знаел што треба да прави. Поучен од првиот пат, дека за такво нешто се вмешува полицијата, па сето тоа се развлекува по судови, одлучил да молчи, раскажува тој, и продолжува:

– Не ги обвинувам моите родители, но по првото злоставување, во нашето семејство тоа беше забранета тема. Мене ми стигнувале покани за да сведочам на суд, а тие никогаш не ми дозволија да го направам тоа, криеа сè од мене, па автоматски јас научив дека таа тема е забранета, дека тоа е срамота и за тоа не се зборува. Тогаш почнувам да чувствувам огромен срам и вина, вакво нешто ми се случува по втор пат и си мислам дека проблемот сум самиот јас. И конечно, на 19 години сфаќам дека таа вина ја носам на грбот цел мој живот, кога побарав помош од моите родители, односно побарав да ме однесат на психолог. Бев уплашен, несоцијализиран, буквално се плашев од луѓето, се плашев дека нема никогаш да можам да работам и нема да успеам за ништо во животот. Навистина сум среќен што ја побарав таа помош и што заедно со мојот психолог, успеав да ги надминам овие стравови. Тогаш си дете, имаш потреба да бидеш признаен, мозокот многу поинаку функционира кај децата, нека дојде сега да ме заведе кога имам 33 години.

Во овој разговор ја отворивме и темата за булинг, период којшто кај Алекс траел од забавиште до пред неколку години. Како што вели тој, „децата се сурови, веројатно и јас сум бил“. Префрлањата и исмејувањето од страна на другите деца, не се однесувале само на неговиот изглед, туку за сè што ќе им паднело на памет во тој момент. Сепак, поради местото каде што е тој израснат, во близина на средните училишта ЕТУЦ, ЕМУЦ, АСУЦ, секој пат кога поминувал од таму, ги слушал дофрлувањата од типот: „што к*р е ова, машко или женско“.

Алекс избегнувал да се појавува во близина на овие училишта со некој близок, бидејќи во тој период, како што вели, се срамел самиот од себе си, на 13, 14 години кога секој човек е најраздразлив и со ниска самодоверба, за него значело да мисли дека е „грешка и не треба да постои“. Особено кога пред неговата мајка ќе се „збунеле“ луѓето дали е машко или женско, му доаѓало да „потоне во земја“.

Пред 3 години живеел повеќе од 6 месеци во шелтер-центарот на ЛГБТИ заедницата, бидејќи имале семејни недоразбирања со татко му, кои не се поврзани со родовиот идентитет на Алекс. Таму тој се чувствувал безбедно и му помогнале да излезе од депресијата во која тогаш се наоѓал. Пиел антидепресиви и добивал психолошка поддршка, за што е многу благодарен, бидејќи денеска оваа состојба е минато.

Тоа што тој се декларира како бисексуалец, е бидејќи, како што вели Алекс, ни самиот не знае што е. Имало период кога се заљубувал само во женски, но потоа се заљубил и во маж, па оттогаш се раководи според чувствата, а не според полот.

– Бисексуалец, го кажувам тоа бидејќи е најлесно за разбирање, мене ми е важно да се заљубам и сум моногамен во конкретната врска. Мојата моментална врска (со машко) трае подолго и не ми е важно да ја анализирам мојата сексуална ориентација.

Фото: Приватна архива

Алекс засега нема започнато со никаква транзиција, но јавно истапи за промената на името и презимето и отворено го живее животот како трансродов маж. Како што самиот вели, веројтно има андроген лик поради што луѓето постојано се бунат, и не им е јасно дали е машко или женско, сеедно е во што е облечен. Ова се провлекува низ целиот негов живот и е нешто кое најмногу му смета. Во иднина, кога ќе биде финансиски посилен, вели дека сака да направи операција на градите, а сега не планира да зема хормонска терапија. Во врска со ова, тој имал многу непријатни ситуации, а една од нив ни ја раскажа вака:

– Влегов во автобус и ја покажав слободната карта, откако возачот ја скенираше, го погледна името Алекс Ристовски, па потоа ме погледна мене и веројатно сфати дека не сум „баш машко“. Ми ја врати слободната и ме праша дали може повторно да ја скенира и така три пати. Не мораше да го правиме сето тоа, можеше едноставно да ми побара лична карта, ќе му дадев, не мора од сето тоа да се прави „драма“, другите луѓе да слушаат и гледаат. Затоа, на нас трансродовите лица, неопходно ни е да ја добиме можноста, во документите за идентификација, да го заведеме родот со кој се идентификуваме.

Фото: Приватна архива

Во однос на криењето или обзнавањето на вистината за него, вели дека не му прави разлика дали јавно ќе зборува за тоа дека се идентификува како трансродов маж, бидејќи секако луѓето го коментираат неговиот изглед.

Сепак, откако ја открил тајната што ја потиснувал до своја 21 годишна возраст, многу му олеснило. Низ текот на годините научил како да не го погодуваат муабетите од страна, бидејќи се прифатил онаков каков што е. Сега, ваквите разговори ги избегнува, не затоа што се срами од тоа што е, туку затоа што смета дека тие се исцрпувачки и не водат до никаде, најмалку до заклучок за тоа кој живее подобро.

Фото: Приватна архива

Забележал дека кога некои луѓе, откако дознаваат дека некоја личнст го живее животот како трансродово или трансексуално лице, го менуваа мислењето за нив, заборавајќи дека и тие имаат морален кодекс по кој се водат, дека доаѓаат дома после работа, подготвуваат јадење, мијат садови и се друго што прави една „нормална“ личност.

Нашиот соговорник е искрен и признава дека до сега не се грижел за физичкото здравје и не направил никакви испитувања, но периодов започнал со првите чекори и веќе ги направил неопходните лекарски прегледи. Сето ова, Алекс смета дека е поради „грдиот“ период низ кој поминувал кога не успевал да задржи ниту едно работно место. Сепак, она што е сега и како се чувствува, за него е вистинска среќа. Како што самиот вели, многупати и многумина се обидувале да го изведат на „правиот“ пат, да му докажат дека неговата состојба може да се излечи но тој прашува:

– Зошто да ме лечите? Мене ништо не ме боли. Е добро, браво, „откривте“ дека можеби поради злоставувањата сум сакал да се заштитам самиот себе, а тоа е возможно само ако сум машко, го поврзувате coming out – от со смртта на мојата мајка, бидејќи тогаш го правам тоа и што сега? Зошто да се менувам, кога мене ова ми автентично, јас вака се чувствувам свој и среќен, заклучува Алекс Ристовски.

Фото: Приватна архива

ВИДЕО | Зошто е потребна Парада на гордоста?

Разговор со трансродов маж од Македонија: За секого има начин работите да излезат позитивни

Разговор со Милиќ Лила, активистка за правата на трансродовите лица и сексуалните работници (ВИДЕО)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот