Жителите од Булачани се жалат – плаќаат за јавен превоз, а автобуси нема

Илустративна фотографија/Архива на СП

До ЈСП „Скопје“ стигнало официјално барање од Општина Гази Баба за воведување дополнителни термини, нови линии и продолжување на неколку линии што сообраќаат на подрачјето на Општината, во кое е вклучено и барањето на граѓаните за линијата 65 до Булачани

Жителите од скопското село Булачани веќе подолг период се соочуваат со проблеми со автобускиот превоз. Според локалното население, многу често се случува автобусите да доцнат, да не го почитуваат возниот ред, а понекогаш да не дојде автобус и по неколку часови.

Многу често се случува да не ни дојде автобусот, а ние поради тоа да доцниме на работа или децата да не можат навреме да стигнат на часовите во училиште. Многупати досега сме се обратиле до ЈСП „Скопје“ и сме побарале да се најде решение за овој проблем. За жал, до сега решение нема. Ние и понатаму плаќаме за слободни карти, а автобусите не се редовни. Даваме пари за автобуска карта, а потоа и за друг превоз за кој мораме самите да се снаоѓаме за да стигнеме на работа. Ова мора да се промени и тоа многу бргу – раскажува Елена Ивановска од село Булачани.

Според Ивановска, не е редок случај и некој од автобусите попатно да се расипе, а тие повторно да се најдат во ситуација како знаат и умеат да си наоѓаат алтернативен превоз за да стигнат на работа или децата да ги однесат во училиште.

Токму за проблемот со нередовниот автобуски превоз и малиот број автобуси со број 65 што превезуваат патници до ова населено место, информирани се и од ЈСП „Скопје“. Од ова јавно сообраќајно претпријатие велат дека работат на конечно решавање на долгогодишниот проблем на локалното население.

Неодамна ЈСП „Скопје“ доби официјален допис, барање од Општина Гази Баба, за воведување дополнителни термини, нови линии и продолжување на неколку линии што сообраќаат на подрачјето на општината, во кое е вклучено практично и барањето на граѓаните за линијата 65. Соодветната служба во ЈСП „Скопје“ веќе го разгледува барањето, односно ја врши неопходната анализа/процена на терен, чиј исход ќе биде показател дали постои основа за исполнување на барањето во посочениот случај. Имено, за да се пуштат дополнителен број возила на посочената линија, неопходно е да се извршат анализи на исполнетоста на неопходните сообраќајно-технички, безбедносни, економски и други услови – информираат од ЈСП.

Сепак, за жал, со вакви проблеми не се соочуваат само жителите од селото Булачани. Речиси секојдневно, голем број скопјани, особено оние што живеат во приградските населби, доцнат на работа или не можат да стигнат навреме токму поради доцнење на автобусите или прекршување на возниот ред, но и поради метежот во сообраќајот, кој знае да биде причина и доцнење на некои автобуси.

Во обид да се решат ваквите проблеми на населението, од ЈСП „Скопје“ велат дека во сообраќај годинава пуштиле нешто повеќе од 100 автобуси, кои редовно превезуваат патници. Според тврдењата на надлежните, минатата година во овој период, низ скопските улици сообраќале од 130 до 140 автобуси, а годинава од 270 до 280 автобуси дневно. Со овој дополнителен број автобуси, според надлежните, опфатени се сите линии.

Со вклучувањето дополнителен број возила во сообраќај споредбено со бројот на возилата што сообраќале во овој период изминатата година, опфатени се сите линии без исклучок, и градски и приградски. Впрочем, лани овој период јавниот превоз функционираше со редуциран возен ред, а сега се сообраќа по режим вообичаен за овој период од годината. Дополнително, се продолжија трасите на неколку приградски линии, повторно се вратија во функција ноќните линии, се воведоа и неколку нови пробни линии – информираат од ЈСП „Скопје“.

Сепак, за конечно да се реши проблемот со автобускиот превоз во Скопје, постои реална потреба за промена на стариот возен ред, по кој сѐ уште возат приватните, но и автобусите на ЈСП, а кој е направен поодамна, кога градот не бил густо населен како што е сега. Возниот ред, според патниците, треба да претрпи промени и кога станува збор за интервалите на поаѓање и за пристигнување на автобусите, но и поради недоволната поврзаност на населбите во Скопје една со друга.

Градските власти најавија и набавка на нови автобуси, кои на граѓаните ќе им овозможат побрз и посигурен транспорт. Но, според последните информации, набавката на најавуваните 250 еколошки автобуси нема да се случи годинава, поради, како што објаснуваат од Град Скопје, презадолженост на Градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот