Жешкото време ги извлече змиите по улиците во Скопје

Дури 99 отсто од влекачите во Скопје не се отровни. Најчесто станува збор за смокови или, пак, за водни змии. Нивното присуство може да се забележи и во центарот на градот, но и во периферните делови.

Потрагата по храна, топлото време и високата влажност на воздухот придонесоа да се појават голем број змии во Скопската Котлина. Сепак, според познавачите, зголеменото присуство на влекачи во централните, но и во периферните делови на градот, воопшто не е за изненадување бидејќи токму во овој период од годината, влекачите на овој начин си обезбедуваат храна.

Во изминатиот период, граѓани се жалат дека забележуваат змии на тротоари, на скали, по пешачки патеки, но и во близина на детски игралишта и паркови. Нивното присуство најчесто може да се забележи на места каде што има грмушки, но и неискосена трева, поради што исклучително е важно надлежните институции да се грижат за редовно одржување на зеленилото во Скопје.

Сепак, добрата вест е тоа што, според познавачите, дури 99 отсто од змиите во Скопскиот регион не се опасни. Но, ниту еден човек не е имун на глетката на влекач пред себе, па токму затоа се препорачува да се избегнува блиска средба со нив.

– Во Скопје дури 99 отсто од змиите не се отровни и опасни. Најчесто станува збор за смокови или, пак, за водни змии. Нивното присуство може да се забележи и во центарот на градот но и во периферните делови – вели Сашо Панчев, вработен во Зоолошката градина во Скопје кој како што вели ги сака змиите и токму затоа им помага на луѓето да ги извадат од домовите.

Според него, појавата на змии во овој период од годината воопшто не е за изненадување и апелира до граѓаните да останат смирени кога ќе имаат блиска средба со змија.

– Имам повици од цело Скопје. Многумина се плашат кога ќе видат змија дома, па одам јас да им помогнам. Змиите во Скопје не се опасни, но се случувало луѓе кои биле во природа, на некој начин да донесат змија отровница во градот. Таа може да влезе на пример во кола и на тој начин да биде донесена во градот. Затоа е многу важно луѓето да бидат претпазливи – заклучува Панчев, кој го потсетува населението кое има викендички во шума, да внимаваат и да не оставаат отворени врати и прозорци и на тој начин да спречат змија да им влезе во викендичката.

Во обид, пак, да го намалат присуството на влекачи во главниот град, општините во Скопје вршат редовна дезинфекција, дезинсекција, дератизација, но и акции за спречување на појава на влекачи во населените места.

Од скопската општина Карпош, каде што беше забележано зголемено присуство на змии во населбите Жданец и Трнодол, информираат дека Општината спровела вонредна акција за поставување „репелент“ – средство за превенција, односно заштита од змиите.

Според познавачите, средствата што се користат за превенирање на појавата на змии во населените места се сосема безбедни бидејќи содржат екстракција на етерични масла од тревки и дрвја, а дејствува на тој начин што шират мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина.

И од оваа скопска општина потсетуваат дека,= средството кое го користат за превенирање од појава на влекачи е природен производ, кој како што велат е безопасен за луѓето, животните и околината и придонесува за намалување на појавата на влекачи.

– Појавата на змии е карактеристична за повисоките места во општината како што се Жданец и Трнодол, населби кои граничат со шумско подрачје и во должина на течението на реката Вардар. Појавата на влекачи во овие делови е резултат на покачените температури во Скопската Котлина, како и распространетата вегетација. „Репелент” се поставува во горепосочените места, како и околу градинките и дел од детските игралишта кои се попосетени. Општина Карпош ги повикува сите граѓани, кои ќе забележат појава на змии во нивните населби, да ја контактираат општината, со цел да се делува на соодветен начин – велат од Општина Карпош.

Од другите скопски општини посочуваат дека, иако во овој период од годината е забележана појава на влекачи на целата територија на главниот град, сепак ретко кога граѓаните се јавуваат до општинските служби за да алармираат за проблемот и на тој начин, општинските власти навремено да најдат соодветно решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот