Жените во Македонија ем помалку вработени, ем со помали плати (ВИДЕО)

Фото: Profimedia

Дискриминацијата, односно нееднаквиот третман врз основа на род/пол, е присутна и застапена во сите општествени и политички сфери во нашата држава. Дискриминацијата може да биде изразена преку најразлични форми и во различни сегменти како вработување, медиуми, образование итн.

– Честа пракса во нашата држава е дискриминацијата врз основ на род при вработување. Голем број жени и девојки алармираат дека на интервјуа за работа добиваат прашања за брачниот и семеен статус, но и за нивните планови за раѓање деца. Поради тоа, оние кои се немажени или без деца немаат пристап до вработување со образложение дека на работодавачите повеќе им одговараат вработени кои нема да користат породилно отсуство, односно мажи. Понатаму, родовиот јаз во платите во Р. Северна Македонија изнесува 12.5 отсто, односно жените земаат за 12.5 отсто помала плата од мажите на иста работна позиција и за иста работа – вели Ирена Цветковиќ, извршна директорка на коaлицијата „Маргини“.

Ситуацијата е ваква затоа што македонското општество е конзервативно и традиционално. Во такви средини дискриминацијата врз жените е повеќе норма отколку отстапка. Причината за ова во најголем дел е патријархалната култура која се одржува низ сите сегменти во државата како образование, култура, политика и слично.

– Нееднаквите односи на моќ и нееднаквата дистрибуција на ресурси меѓу родовите се исчитува и во официјалните статистики и бројки. Па така, во Р. Северна Македонија во 2018 година, 919 лица се евидентирани како жртви на семејно насилство, а од нив 665 (72 отсто) се жени, а останатите деца или мажи. Фемицидите (убиства на жени затоа што се жени или поради други околности кои се поврзани со родот и родовите улоги) не се новост во нашиот контекст. Особено загрижува фактот што во некои од последните случаи на фемициди, жртвите претходно, односно додека биле живи, барале заштита од надлежните органи, како центри за социјална работа и полиција, но очигледно бесполезно и безуспешно – објаснува Цветковиќ.

Вреди да се спомене и системската дискриминација врз жените во однос на нивното учество во политиката или донесувањето одлуки. Со воведувањето на родовите квоти од 2000 до 2006 година се постигна значаен напредок, па во Собрание со 6,6 отсто пратенички, се постигна посакуваниот резултат од 30 отсто жени во законодавниот дом. Родовите квоти, освен за кандидатите за пратеници, се однесуваат и на кандидатите за членови на советите во општините и градот Скопје. Во 2015 година се зголеми родовата квота на 40 отсто.

– Во моментот, согласно резултатите од последните парламентарни избори (2016 г.), имаме 41 пратеничка (34,1 отсто) од вкупно 120 пратеници и само 4 министерки (21 отсто). Резултатите од локалните избори се уште попоразителни за родовата еднаквост, односно со само 6 градоначалнички (7 отсто) и 29,8 отсто советнички. Оваа состојба не можеме да ја оцениме ниту како задоволителна, особено во денешен контекст, кога женските движења се залагаат за воведување на родови квоти во управувачките одбори во стопанството – вели Цветковиќ.

Жените помалку вработени во однос на мажите

Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажуваат дека стапката на вработеност во 2017 година кај жените изнесувала 34,6 отсто и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите – 53,6 отсто. Исто така, стапката на активност кај жените е пониска и изнесува 44,3 отсто, а забележливо е повисока кај мажите – 69,3 отсто.

Според Сојузот на стопански комори, жените во преработувачката индустрија и трговија земаат за 17,9 отсто помала плата за истото работно место како мажите, односно би морале да работат дополнителни 65 дена во годината за да ја остварат истата плата како и мажите.

Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население во нашата држава е речиси подеднакво, односно 49,9 отсто се жени, a 50,1 отсто се мажи.

Слободен печат ги праша гражаните, дали мислат дека во Македонија има родова нееднаквост на работните места и дали мажите земаат поголеми плати од жените за иста работна позиција?

Слушнете ги нивните одговори:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот