Жените низ времето: Родени се Жаклин Кенеди Оназис, Емили Бронте, Илина Арсова, а се одржал и првиот избор за убавина „Мис на светот“

жените низ времето
Фото: Profimedia+Принтскрин/Instagram+ Принтскрин / Youtube

28. 7.1929 Родена е Жаклин Кенеди Оназис, најомилената Прва дама на Америка. Синоним е за жена која добро се омажила и тоа двапати – првпат за најмоќниот човек, претседателот на САД Џон Кенеди, вторпат за најбогатиот човек – грчкиот бизнисмен Аристотел Оназис. Нејзиниот начин на облекување, фризурата, шминката, бисерните обетки, „малите“ црни фустани и „шанел“ костуми, станаа препознатлив стил на Џеки О. сè до денешен ден. Се школувала во најдобрите приватни школи, младоста ја поминала во Франција, а дипломирала на престижниот универзитет „Џорџ Вашингтон“ во Вашингон. Сакала да слика, да чита и да пишува поезија. Кариерата ја започнала како новинарка во „Тајмс“ и така се запознала со идниот претседател на САД, со кого се венчала во 1951 година. Во бракот со него ја родила ќерката Каролина и синот Кенеди Јуниор, а помалку е познато дека родила уште две деца кои починале набрзо по раѓањето. По атентатот на Кенеди, се омажила за Аристотел Оназис (1968), кој поради неа ја прекинал врската со познатата оперска пејачка Марија Калас. Бракот траел кратко, а по смртта на Оназис, Џеки станала по втор пат вдовица на само 46 години. Во последните години од животот била во врска со белгиски бизнисмен и трговец на дијаманти. Во 1994 година ѝ бил дијагностициран рак кој брзо се проширил. Починала на 64 години.

џеки кенеди
Фото: Џеки Кенеди / Profimedia

29. 7. 1951 Во театарот Лицеум во Лондон се одржал првиот избор за убавина „Мис на светот“. На натпреварот учествувале 21 британски убавици и само пет странски натпреварувачки. Презентер бил Ерик Морли, човекот кој го измислил овој избор за убавина, првично како промотивна алатка за неговата сопствена фирма. Убавицата Кики Хакансон, претставничка на Шведска, била крунисана за Мис на светот во 1951 година.

емили бронте
Фото: Емили Бронте / Принтскрин/Youtube

30. 7.1818 Во Тортон, Јоркшир, е родена Емили Бронте, писателка која живееше само триесетина години. И покрај нејзината прерана смрт, поради туберкулоза, таа остави едно од најголемите ремек-дела на светската литература: романот „Оркански височини“. За нејзиниот живот има оскудни информации, а она што го знаеме за Емили, го должиме главно на нејзината сестра Шарлота, исто така успешна писателка. „Оркански височини“ е единствен роман на Емили, првпат издаден во 1847 година под псевдонимот Елис Бел.

Франсуаз Баре Синуси
Фото: Франсуаз Баре Синуси / Принтскрин Youtube

30. 7.1947 Во Париз е родена Франсуаз Баре Синуси, виролог, позната по тоа што прва го открила ХИВ вирусот и лауреат на Нобеловата награда за медицина и физиологија (2008). Наградата ја подели со Харалд Зур Хаусен и Лук Монтание. Под водство на Монтание, во 1983 година, Франсуаза учествувала во откривањето на ХИВ вирусот кој предизвикува синдром на имунолошки дефицит кај заболените. Денес таа е почесна членка на францускиот Инситутот „Пастер“.

јк ролинг
Фото: Џ.К.Ролинг / EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

31. 7.1965 Родена е славната писателка Џ. К. Роулинг, „мајката“ на Хари Потер. За нејзиниот живот и патот до успехот, прочитајте во рубриката „Чудесни жени“.

илина арсова
Фoто: Илина Арсова / Принтскрин / Instagram

31. 7.1982 Родена е македонската ликовна уметница, алпинистка, планинарка и скијачка Илина Арсова. На самиот крај од 2019 година, Илина направи нов триумф, освојувајќи го врвот Винсон на Антарктикот. Со искачувањето на овој врв, таа го комплетираше проектот „Седумте врвови“, односно успеа да искачи седум највисоки врвови на седум различни континенти – Аконкагва, Денали, Килиманџаро, Пунџак Џаја, Монт Блан и Монт Еверест. Во спортската историја е запишана како првата жена Македонка која го искачила Монт Еверест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот