
Жени во Македонија кои го рушат стереотипот за машка професија
„Слободен печат“ во знак на Светскиот ден на жената 8 март, во потрага по жени кои со својата работа ги рушат стереотипите за одредени машки професии.
Оваа седмица ја посветуваме на храбрата „понежна половина“ и преку нашиот серијал ве запознаваме со неколку дами кои се единствени, уникатни и посебни по својата работна позиција.
Препорачано
Серијалот го започнуваме со епизодата за челичната дама, Марија Дуковска Павловска, генерална директорка на „Макстил“. За тоа како е да се биде лидер во челичната индустрија, во која доминираат мажите како вработени, дознаваме низ разговорот на Весна Дамчевска со Дуковска Павловска.
Единствениот дипломиран оџачар во Македонија е жена и тоа е така веќе девет години. Професорката и архитект Јасмина Атанасова Симјаноска беше главна инспирација за да се зголеми бројот на жени оџачарки кај нас. Што опфаќа професијата оџачар дознавате низ разговорот на Александра Вуксановиќ со Атанасова Симјаноска.
Во земјава имаме и меѓународен сертифициран консултант за доење, се работи за медицинската сестра Јасна Апостолски – Николов. Во женскиот свет улогата мајка е една од најважните, за младите мајки овој непознат свет носи страв и несигурност, потребата од помош и поддршка е многу важна.
Агнеса Чаволи разговараше со Апостолски – Николов, следете ја нашата програма, до крајот на оваа седмица во нашата емисија ќе биде емитуван и овој разговор.
Во рамките на овој серијал ќе ви прикажеме неколку жени кои работат во нестандардни професии прикажувајќи го современото општество и стремежот на жената за еднаквост.