Земјите со лидери популисти немаат добар одговор на пандемијата на коронавирусот

Владимир Путин, Доналд Трамп, Болсонаро / Фото: ЕПА

Бразил и САД се двете земји каде коронавирусот се ширеше најбрзо, а нивна заедничка работа е што ги водат популистички настроени мажи кои тврдат дека се против елитите и против естаблишментот, пишува Њујорк тајмс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Претседателите Жаир Болсонаро и Доналд Трамп се вртат кон она што Даниел Зиблат, професор на универзитетот „Харвард“ и коавтор на книгата „Како умираат демократиите“, го нарекува „радикален десничарски нелиберален популизам“. И иако во Велика Британија и Русија неодамна почна да паѓа стапката на заразени, и тие две земји до неодамна исто така имаа големи скокови. И нив ги водат нелиберални популисти, премиерот Борис Џонсон и претседателот Владимир Путин.

Лица пренесуваат ковчег на почината жртва од ковид-19 на гробиштата Кампо де Есперанса во Бразилиа / 21 мај 2020, Бразил / Фото: EPA-EFE/Joedson Alves

Многу политиколози веруваат дека тоа не е случајност. Нелибералните популисти честопати ги отфрлаат научните мислења и промовираат теории на заговор. „Многу често водат битки против интелектуалци и експерти од сите полиња“, вели Стивен Левицки, коавтор на книгата со Зиблат.

Болсонаро го отпушти својот министер за здравство и изврши притисок врз федералните држави да ги укинат мерките за седење дома.

Работници погребуваат жртва од ковид-19 на гробишата Вила Фермоса во Сао Пауло / Мај 2020, Бразил / Фото: EPA-EFE/Fernando Bizerra

Во САД, Трамп речиси два месеци војуваше со експертите, предвидувајќи дека вирусот ќе исчезне „како чудо“. Во Велика Британија, Владата на Борис Џонсон првично ги охрабри граѓаните да продолжат да се дружат, додека другите земји се затвораа. Сите тројца лидери, како и Путин, избегнуваа да носат заштитни маски и продолжија да се ракуваат со своите соговорници.

Погреб во Москва, Русија / 15 мај 2020 MANDATORY CREDIT / HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Мексико каде претседател е Андрес Мануел Лопез Обрадор, левичарски популист чија влада испечати плакати на кои пишува дека вирусот „не е сериозен“ – исто така има една од највисоките стапки на заразеност.

Научниците кои ги следеа реакциите на одредени држави на коронавирусот велат дека двоумењето со реакцијата овозможило заразата побрзо да се шири, вели Томас Хејл од Школата за владеење на Блаватник на универзитетот „Оксфорд“. Многу земји каде што расте бројот на заразени имаат нешто заедничко: задоцнето препознавање колку ова е ургентна работа, вели тој.

Мајами, Флорида, САД / Јуни 2020 / Фото: EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA

Еден од најчестите изговори за побавниот одговор на лидерите била наводната потреба економијата да биде приоритет. Но, научниците и економистите велат дека најбрзиот пат кон економска нормалност е всушност контролирање на ширењето на вирусот.

– Постои лажна тензија меѓу јавното здравје и здравјето на економијата, изјави Вафа ел Садр, епидемиолог од универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.

Другата страна од медалот исто така е интересна. Во однос на земјите предводени од нелиберални популисти, оние предводени од жени биле многу поуспешни во борбата против вирусот, како што веќе забележале некои набљудувачи. Германија, Нов Зеланд и Тајван се добри примери.

Корона-клиника во Дрезден, Германија / Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Се разбира, врската меѓу популистите и лошиот исход не е совршена. Виктор Орбан од Унгарија и Родриго Дутерте од Филипините реагираа брзо. Бројот на пријавени случаи се чини дека е мал во двете држави. Но, обајцата ја искористија кризата за уште посилно да се пресметаат со политичките противници.

Ова не е изненадувачки – глобалните обрасци често имаат исклучоци.

– Да, постои шема, вели Левицки. – Популистите не сакаат експерти – тие дури не сакаат да се потпираат на експерти – а антиекспертскиот одговор на новиот коронавирус е смртоносен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот