Зеленска ја одбила поканата за присуство на обраќањето на нацијата на Бајден

Олена Зеленска / Фото EPA-EFE/IDA MARIE ODGAARD

Олена Зеленска, првата дама на Украина, одбила покана од Белата куќа за присуство на годишното обраќање до нацијата на претседателот на САД Џо Бајден, еден од најважните политички настани во Вашингтон.

Како што јави весникот Њујорк тајмс, наводно било планирано првата дама на САД Џил Бајден да седи до Зеленска и Јулија Навалнаја, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој минатиот месец почина во руски затвор на Арктикот.

Присуството на двете жени, секоја од нив симбил на отпорот против рускиот претседател Владимир Пуин, би било моќна слика за обраќањето на Бајден во Конгресот, кое е закажано за утревечер, а на кое ќе присуствуваат сите членови на Претставничкиот дом и Сенатот, како и лидерите на политичкиот естабилишмент во Вашингтон.

Сепак, Украинците не ја сакаат премногу Навалнаја бидејќи иако нејзиниот починат сопруг е нашироко познат како симбол на борбата против корупцијата кој го ризикуваше својот живот како најгласен опозиционер на Путин, Навални во Украина го паметат по неговите минати изјави за украинскиот полуостров Крим, кој Путин нелегално го анектираше во 2014 година. Тогаш тој во два-три наврати коментираше позитивно за спојувањето на полуостровот кон Русија и дека Крим е руски.

Како што укажуваат некои познавачи, политичките гледишта на Навални подоцна еволуирале во сесрдна поддршка за Украина и признавање на нејзините граници од 1991 година.

Од Белата куќа соопштија дека Зеленска го откажала учеството поради „конфликт во распоредот“. Подоцна се дозна и дека и поканетата Навалнаја нема да дојде на настанот утре. Според нејзината портпаролка Кира Јармиш главен фактор е заморот.

-Јулија навистина беше поканета да оди, но сите ја забораваат заднината на тоа како се одвиваа настаните. Сопругот на Јулија почина пред две недели. Таа постојано патува. Денеска е првиот ден кога таа е дома. Како сите останати човечки суштества, и неа ѝ е потребно време да се соземе, но многу ја цени поканата (од Белата куќа), изјави Јармиш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот