ВИДЕО+ФОТО | Зеле од „Дивље јагоде“: Во Македонија се чувствувам како дома

Легендарниот Зеле Липовача / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Првиот човек на босанскиот хард-рок бенд Дивље Јагоде, гитаристот Зеле Липовача, гостуваше во Слободна ТВ, по што продолжи на средба со новинарите во скопскиот кафе-бар Џез-ин.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во разговорот, Зеле откри многу детали за новиот албум, поставата, како и следните планови на групата, која има концерти во текот на целото лето, а на есен публиката ќе ужива во голем концерт во Скопје.

– Убаво е чувството кога гледаш дека те сакаат, во Македонија се чувствувам како дома. Македонците се многу талентиран народ, сите знаат да пеат, а ова го знам по публиката на концертите. Кога ќе почне „Марија“, можеме слободно да се тргнеме од бината, а уште повеќе, кога ќе почне „Мотори“, во публиката е хаос. На секој музичар му е драго кога она што го создал ќе побуди некаква емоција – вели Зеле.

Познати се по легендарните хитови, како „Криво је море“, „Заувјек твој“, „Једина моја“ и многу други, а во чест на Македонија, ја снимија и песната „Македонско девојче“.

– „Македонско девојче“ е прекрасна песна, долги години сакав да ја снимам, но важно ми беше да биде различна, прилагодена и да звучи дека е во тек со времето – вели Зеле, и додава: „На сцената сме од седумдесетите години. Се трудиме секогаш да сме во мода и да ги следиме светските трендови, но не го менуваме препознатливиот звук по кој сме познати. Тоа е клуч за бендот да трае повеќе генерации“.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според Зеле, интересот на публиката е показател дека во некоја територија и понатаму можат да бидат успешни.

– Ја сменивме екипата која ја работи Македонија. Новиот албум треба да излезе некаде во октомври. Вчера бевме во Крагуевац и снимавме спот за новиот сингл, нумера во која ни е гостин познатиот пејач од групата „Освајачи“ – Чипи, наш пријател и одличен вокал. Таа песна ќе биде трет сингл за овој албум, и ќе излезе околу крајот на август или почетокот на септември. Албумот има околу 10 песни, а издавач е „Кроација рекордс“. Екипата е супер, а за оние кои не знаат, пред две години во бендот го вратив првиот пејач, легендарниот Тони Јанковиќ, вели Зеле, додавајќи:

– „Дивље јагоде“ секогаш се братство и единство, Европа пред Европа. Никогаш не се пишувало кој е од каде, и на која вера, националност или секта ѝ припаѓа.

Интересна е и анегдотата за настанувањето на името.

– Како и секој бенд, бевме деца и пишувавме имиња на ливчиња. Тогаш нашиот прв тапанар Адонис Докузовиќ даде предлог да се викаме само „Јагоде“, но мене ми звучеше како поп-бенд, па предложив да додадеме „дивље“, се смее Зеле.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Инаку, овој генијален автор е самоук и нема одговор како доаѓа до идејата кога ги создава легендарните хитови.

– Не знам како да го објаснам тоа што ми доаѓа кога имам идеи. Сум бил кратко време во музичко училиште, сум свирел клавир, но сфатив дека тоа не е за мене и го напуштив. Немам ништо друго освен чиста љубов кон гитарата, и ништо друго не ме интересира. Денес сум многу попаметен, но порано бев многу луд и решителен. Во гимназија бев најлош ученик, но вежбав гитара по десет часа на ден – објаснува тој. Никогаш не работам со притисок, секогаш гледам да е креативно и работам со интуиција. Музиката нема врска со порок, алкохол или дрога, не чувствувам дека мора да бидам во некаква состојба за да бидам креативен. На пример, кога почна ковид-пандемијата, снемав идеи и не форсирав ништо – вели тој.

Паралелно со албумот на „Дивље јагоде“, Зеле работеше и на инструментален соло албум, а тука е и првата службена биографија на групата.

– Ја препорачувам книгата на секој млад музичар, бидејќи во неа говорат стотина значајни луѓе, како Влатко Стефановски, Борислав Митиќ, Бора Ѓорѓевиќ. Сите зборуваат за „Дивље јагоде“, но и за своите искуства. Во книгата се застапени свирачи, пејачи, продуценти, тонци, шофери. Сите очекуваа јас да бидам најзастапен, но јас најмалку говорам во книгата. Она што инсистирав беше сите кои говорат, што и да кажат, да биде реално пренесено, без разлика дали е добро или лошо – скромно заклучува Зеле.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ПРОСЛЕДЕТЕ ГО РАЗГОВОРОТ ОД ГОСТУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕ ВО ВИДЕТО:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот