Здравствените работници бараат да им се покачи платата за 10 проценти

Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта на клиника - корона пандемија (29)
Инфективна клиника Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

За Синдикатот на Клиничкиот центар навредлив е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на медицинскиот кадар со тврдењето дека пациентите инвестирале во нивното образование и бесплатно ги образовале.

Синдикатот на Клиничкиот центар бара на здравствените работници да им се покачи платата за десет проценти, како што беше ветено во изборната кампања на СДСМ на ланските парламентарни избори.

„СДСМ во изборната кампања вети 40 проценти покачување на платите во јавното здравство, односно по 10 проценти секоја година, а кандидатот за претседател на влада на ДУИ Насер Зибери вети плата на медицинските сестри од 600 евра. Овие ветувања имаа големо директно влијание на изборниот резултат. Синдикатот на Клиничкиот центар очекува нивна реализација, односно покачување на платата од 10 проценти годинава. Временски ограничениот додаток на плата со средства од Светска банка не е покачување на платите во јавното здравство од 5 проценти. Покачувањето на основната плата во јавното здравство се врши исклучиво од буџетски средства и се исплатува согласно колективен договор”, велат оттаму, додавајќи дека неисполнувањето на ова ветување би било манипулација со гласачкото тело.

За Синдикатот на Клиничкиот центар навредлив е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на медицинскиот кадар со тврдењето дека пациентите инвестирале во нивното образование и бесплатно ги образувале. Медицинските работници и лекарите сметаат дека концептот кој во основниот пристап тврди дека на нашето здравство му треба знаење не е нов, но во пракса доживеа целосен неуспех.

„Единствен пристап кој може да доведе до смалување на одливот на докторите и медицинските сестри како и нивно враќање во јавното здравство е соодветното вреднување на нивниот труд и почитување на нивното достоинство“, велат од Синдикатот.

Во соопштението се наведува и дека во текот на пандемијата, одговорните институции јавно ги навредиле вработените во здравството за несоодветно и нестручно користење на личната заштитна опрема. Ова се однесува на претседателот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести доктор Жарко Караџовски, кој на телевизија директно од владата изјави дека има медицински персонал што не знае како да ја користи личната заштитна опрема.

Од Синдикатот додаваат и дека во текот на пандемијата имало изразен револт од недоволната и несоодветна лична заштитна опрема, отсуство на скрининг-тестирања, огромен број заразени и болни кај вработените, притисок и стрес на работното место, недоволно човечки ресурси, енормно зголемена работа и исполнети болнички капацитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот