Здравјето е најважно, и Пандев побара одложување на Македонија-Косово!

фото/фејсбук/ффм

За нашиот репрезентативен напаѓач пласманот со нашата најдобра А репрезентација на Европско првенство е многу повеќе од сите освоени титули.

Еден од најдобрите, најискусните македонски репрезентативци, Горан Пандев, кој многу години настапува на италијанско тло, моментно ги брани боите на Џенова и воедно се наоѓа во одлична форма, односно е прв стрелец на клубот сезонава со седум голови.

Нашиот напаѓач се огласи на социјалните мрежи со барање да се одложи полуфиналниот дуел од УЕФА Лигата на нации за пласман на ЕП 2020 помеѓу Македонија и Косово кој што првично е најавен за 26. март.

Претходно е донесена одлука во Италија сите спортски активности да се прекинат до 3. април поради епидемијата на коронавирусот.

Воедно македонската Влада на денешнатата седница донесе забрана сите спортски настани во следните 30 дена да се играат без присуство на публика.

– За мене пласманот со Македонија на Европско првенство е многу повеќе од сите освоени титули. Живееме за слика од нашиот стадион со трибини покриени од навивачи во црвено-жолта боја кои ќе ни дадат сила и мотив да го надополниме сè она што фудбалски го пропуштивме во последните 20-години.

Дајте ни шанса за вистински спектакл, дајте ни шанса со нашите навивачи да се радуваме на победа и да бидеме на чекор од Европско првенство.

Здравјето е најважно и секогаш се молиме за тоа. Но, дајте ни можност да го оствариме и сè она за што сме сонувале како деца. За доброто на сите, одложете го натпреварот. И заради здравјето и затоа што е фер и спортски – напиша Пандев на својот „Инстаграм“ профил.

Во текот на својата клупска кариера со Интер има две титули во Купот на Италија, по една во Серија А, Суперкупот на Италија, Лигата на шампионите и ФИФА Светското клупско првенство. Со Лацио го освои Купот на Италија, а во истото натпреварување двапати беше шампион со Наполи.

Претходно истото барање за одложување на овој меч преку својот Фејсбук профил испрати уште еден репрезентативец, играчот на унгарскиот клуб Мол Фехервар, Бобан Николов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот