Зближување на различни култури преку музиката на новооснованиот Лешочки фестивал

Првото издание на новооснованиот Лешочки камерен музички фестивал планирано е да содржи три концерти на 17, 18 и 23 септември во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ при Манастирскиот комплекс во селото Лешок.

Целта на фестивалот е приближување на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, промовирање на истакнати и млади уметници од Полошкиот регион, како и гостување на уметници од соседните земји. Воедно, фестивалот ќе претставува и промоција на овој регион, во кој настаните од ваков вид се во многу мал број.

– Идејата за фестивал на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период. Сакаме да истакнеме дека одржувањето на вакви фестивали на необични, атрактивни локации се од особено културно значење за една земја и веќе долги години се во тренд во сите поразвиени европски земји. Од нашето долгогодишно искуство, како концертни уметници што настапуваат во странство, забележавме дека многу фестивали се организираат на необични, планински, егзотични места кои се од особено културно значење за регионот, како Вербиер во Швајцарија и многу фестивали во Италија, Франција, Германија и Скандинавските земји.

Другиот значаен момент беше заживување на Полошкиот регион, кој е природно отсечен од концертниот живот и затоа мотото на фестивалот е – Зближување преку уметноста, односно приближување на различни култури преку универзалниот јазик – музиката, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион, македонската и албанската – открива уметничкиот раководител Маја Шутевска-Кировска, која заедно со нејзиниот сопруг Љубиша Кировски се иницијатори на фестивалот во Лешок.

Нивната идеја ја поддржал диригентот проф. Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавир на нашиот доајен Тодор Скаловски-Тетоец. Целта на првото издание на фестивалот е да бидат застапени истакнати и млади уметници од Тетово, а да има и едно гостување од странство.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 17 септември со соло настап на Љубиша Кировски со дела за виолина и виола. На 18 септември ќе има гостување на Миодраг Богиќ (виолина) и Бисерка Маровиќ (пијано) од Р Србија, додека на затворањето на фестивалот, на 23 септември, ќе настапи триото Шкељзен Бафтиари (пијано), Лида Алиу (виолина) и Енис Аљи (виолончело).

– Упатуваме посебна благодарност до Министерството за култура, кое финансиски го поддржа проектот, а посебно до Комисијата за музичко-сценска дејност, која ги виде значајните придобивки од организирање на овој фестивал и овозможи да биде дел од Годишната програма за 2021 година. Се надеваме дека ова прво издание ќе биде успешно, ќе има интерес кај публиката и дека фестивалот во иднина ќе биде едно од културните обележја на овој регион – истакнува Шутевска-Кировска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот