„Затки“ на границите: Камионџиите на исто рамниште со туристите, губат време и нерви во чекање

Камиони на граничен премин Табановце / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Од „Макам транс“ со загриженост ги следат берзанските информации за растот на цената на нафтата, намаленото производство од една и постепеното зголемување на цените на нафтата, не е добра вест за транспортерите

Три години од промоцијата на бенефитите во рамките на Отворен Балкан, очигледно е дека немаме доволно инфраструктура на граничните премини, а нема и доволно физички коридори за се постигне поголемо ниво на либерализација на трговијата, а камионите да чекаат помалку. Транспортерите сесрдно се согласија дека идејата е одлична, но има уште многу работа за да можат непречено да ги минуваат границите, вели за „Слободен печат“ Билјана Муратовска од „Макам транс“.

– Чекаме и чекаме во долги колони, а тоа не беше поентата. Летово е мошне изразено. Сите бевме за да се отворат границите и оној период што го губевме стоејќи во едно место со часови да биде минато. Се надевавме дека со Отворен Балкан, како проблем ќе ни остане преминот од Србија накај Унгарија и од Србија накај Хрватска, односно со граничните линии со ЕУ, ама протокот е најблаго речено затнат. Очекуваме и другите држави од Западен Балкан да се приклучат на иницијативата бидејќи ќе има големи придобивки за сите. Ова се мали територии и непотребно се губи време, пари и работни часови во чекање на сите гранични премини – додава Муратовска.

Муратовска се осврнува и на уште еден проблем со кој се соочуваат транспортерите, а тоа е намалената понуда на стока за превоз.

– По пандемијата имаше вишок на производи од секаков вид, кои бараа начин да бидат превезени во земјите од ЕУ, Русија, Белорусија и од Украина и немаше проблем за да се најде работа. Сега конкуренцијата нè притиска, бидејќи производителите од целиот свет ја намалија понудата и нема големи количества за превоз, што значи и намалена работа на нас – објаснува Муратовска.

Генералната секретарка на „Макам транс“ со загриженост ги следи берзанските информации за растот на цената на нафтата и вели дека намаленото производство од една и постепеното зголемување на цените на нафтата, не се добра вест за транспортерите.

– Ова е лош сигнал, бидејќи доколку повторно дојде до скок на цените, ќе ни се намали заработувачката. Камионџиите не може да влијаат врз оваа ситуација, бидејќи цената на превозот зависи од организаторите на турите – посочува Муратовска.

15 илјади камионџии ќе мора да извадат нов пасош

Иако куртулија од менување на регистарските таблички со ставање налепница, што истовремено ги заштити транспортерите од потребата за промена во целокупната документација во државите членки на Унијата каде што извршуваат транспортни услуги, до февруари 2024 година, тие имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои треба да стои Република Северна Македонија. Ова значи дека оние што досега не го сториле тоа затоа што имале важечки документи, за помалку од шест месеци ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола и тоа по повисоки цени.

– Околу 15 илјади камионџии треба да извадат нов пасош, оти без него нема да може да патуваат и да возат, но закажувањето оди тешко, нема термини, а нам новите документи ни се прекупотребни – порачува Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот