Започнува нова ера: Крунисувањето на Чарлс се очекува да биде поскромно

Кралот Чарлс и неговата сопруга Камила/ Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Сега кога кралицата Елизабета Втора е погребана, британската монархија сe подготвува за крунисувањето на новиот крал Чарлс Трети, но и за неговиот погреб. Според британските медиуми, кралот Чарлс Трети посакува неговото крунисување да не биде толку помпезно како она на неговата мајка во 1953 година.

Имено, неговата цел е да ја прикаже монархијата како поскромна и да најави новата ера која веќе започна со неговото владеење. Наводно, се размислува и крунисувањето да го направат на 2 јуни, истиот ден како крунисувањето на покојната кралица.

кралица елизабета
Кралицата Елизабета Втора и Чарлс / Фото: EPA-EFE/STR

Операција Златен глобус

„Операција Златен глобус“ е името на планот за крунисувањето на Чарлс, кој започна истиот ден кога почина кралицата. Извори блиски до кралскиот двор открија дека очекуваат церемонијата да биде „пократка, помала и поевтина“ од онаа кога неговата мајка беше крунисана за кралица во 1953 година, а покрај тоа, за време на церемонијата ќе има свечен дел посветен на кралицата со цел да ѝ се оддаде почит.

Британското кралско семејство, наводно, сакаат да се заштеди и поради економската и енергетската криза, со цел монарсите да се претстават како луѓе кои се грижат за обичниот народ. Додека традиционалните аспекти на церемонијата најверојатно ќе останат непроменети, се очекува кралот да ја прослави различноста што го плени со децении. Тој на церемонијата во Лондон ќе покани припадници на различни вери, вклучувајќи христијани, муслимани, Евреи, Хиндуси и Будисти.

крал чарлс
Крал Чарлс Трети / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Кралот моментално одмара

Не се очекува да бидат објавени планови во наредните денови бидејќи кралот и кралицата моментално одмараат. По погребот, тие заминаа за Балморал, каде што тој и Камила ќе поминат најмалку една недела, можеби и повеќе. Од смртта на неговата мајка, Чарлс присуствуваше на бројни кралски свечености, ги посети сите четири нации на Обединетото Кралство, беше домаќин на светските лидери во Бакингемската палата и го предводеше своето семејство за време на погребот во понеделникот.

Camilla, Queen Consort
Кралот Чарлс III и неговата кралица, Камила / Фото: EPA-EFE/JON ROWLEY

Веќе се подготвува неговиот погреб

Иако Чарлс штотуку стана крал, плановите за неговата смрт започнале веднаш по погребот на кралицата Елизабета Втора. Кодното име за смртта на кралот Чарлс Трети е операцијата Менаи Бриџ, именувана по првиот железен висечки мост во светот во Велс.

Поранешниот кралски офицер за заштита, Сајмон Морган го потврди ова на денот на погребот на кралицата.

„За жал, од утре наутро започнува сериозно планирање за операцијата на Менаи Бриџ“, изјави тој за „Тудеј“ на 19 септември.

Операцијата Менаи Бриџ се очекува да има многу сличности со операцијата Лондон Бриџ, при што планот ќе биде детално разработен пред неговата инаугурација. Се очекува крунисувањето на новиот крал да се случи следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот