Започнува 40. Меѓународен студентски фолклорен фестивал
Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев” во рамките на „Отворениот ден” на УКИМ вечерва и официјално ќе го отвори 40. јубилејно издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал.
Самиот настан ќе започе со дефиле на учесниците почнувајќи од спомен-куќата на Мајка Тереза со почеток во 19:00 часот. Оттаму ансамблите ќе се движат до ,,Плоштадот Македонија” каде во 20:00 часот Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, официјално ќе го прогласат фестивалот за отворен.
Како земји-учеснички годинава ќе бидат Германија, Турција, Северен Кипар, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Македонија.
Како што велат од друштвото, идејата за организирање на МСФФ потекнува од студентите на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” – Скопје во знак на благодарност кон земјите кои помогнаа во изградбата на разрушеното Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година па оттука овој фестивал се нарекува и ,,Фестивал на солидарноста”.